Со најновиот ребаланс на Буџетот за 2009 година се кратат и приходите и расходите за 3,2 проценти.
 
Според предлогот прифатен на вчерашната владина седница, а кој треба да го усвои Собранието, приходите се 138,459 милијарди денари, а расходите 149,5 милијарди денари.Дефицитот останува во претходно проектираните рамки со извесно намалување од околу 300 милиони денари, односно тој ќе изнесува 2,8 проценти од БДП.
Напревените проекции, како што истакна на денешната прес-конференција вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, се врз основа на остварувањата во првите месеци од годината и предвидувањата за наредните четири месеци.
 
– Се прави сериозно приспособување на расходите со цел да се прилагоди трошењето на државата, на јавниот сектор во целина на она што се случува во реалната економија, изјави министерот Ставрески. Направени се заштеди во сите категории на расходната страна при што се настојувало да се скрати кај помалку продуктивните ставки и проекти кај кои настојувањата на Владата беа да се намали увозната компонента за да се сочува макроекономсакта стабилност и платно билансната стабилност. Сепак, појасни Ставрески, од друга страна се настојува да се задржи динамиката на проектите што се заначајни за економската активност.
 
Со ребалансот се предвивдува намалување на ставката за плати за 684 милиони денари или за три проценти во однос на веќе ребалансираниот буџет. Со новиот ребаланс, оваа ставка се намалува за седум проценти во однос на иницијалниот Буџет за 2009 година. Намалување има и кај ставката за дневници и службени патувања, кај која скратувањето кај некои корисници е и до 50 проценти, а капиталните расходи се намалени за 18 отсто. Социјалните трансфери остануваат непроменети, така што ќе биде редовна исплатата на пензиите и другите социјални надоместоци.
 
Од предвидените проекти се одложува набавката на автобусите за градскиот сообраќај во Скопје, а забавена динамика ќе има кај некои проекти како што се лабораториите, Музејот на ВМРО, жичницата на Водно и слично.
 
Со ребалансот се предвидува кај одделни проекти да има дополнителни средствата како што се 360 милиони за набавка на два противпожарни авиона, 60 милиони денари за набавка на шест противпожарни возила, како и средства за набавка на таблети и вакцини за новиот грип.
 
За покривање на дефицитот, Ставрески истакна дека се обезбедени средства, при што ќе се намали финансирањето преку државни записи. Ќе се користат и средства од еврообрзницата и од кредити од странство.
 
Владата со најновите измени на Буџетот предвидува стапката на БДП на годишно ниво да биде минуст 0,6 проценти, а инфлацијата 0,1 отсто. Министерот Ставрески рече дека се очекува во четвртиот кваратал Македонија да излезе од рецесијата и да почне закрепнувањето кое ќе оди полека. Тој додаде дека има информации кои покажуваат оти почнуваат да се зголемуваат порачките кај претпријатијата.
 
Одговарајќи на новинарски прашања во врска со тоа дали ни треба аранжман со Меѓународниот монетарен фонд, вицепремиерот Ставрески потенцира дека во моментов нема потреба од склучување аранжман и оти не постојат статистики кои покажуваат дека е подобра ситуацијата во земјите кои имаат склучено аранжман. Тој додаде дека на Македонија како членка на Фондот на располагање и се средствата од квотата што ја има во износ од 88 милиони долари и оти овие средства може да се повлечат во кое било време кога за тоа ќе има потреба. Според него, нема потреба од брзање во трошењето на тие средства.
 
За средствата од Европската инвестициска банка наменети за малите и средни претпријатија, како една од антикризните владини мерки, Ставрески истакна дека до крајот на неделава се очекува да се потпишат договорите со комерцијалните банки за пласирање на средствата. Банкарите, на состанокот одржан минатата недела, изразиле подготвеност да учествуваат во проектот при што 75 проценти од средствата за секој поединечен кредит се од Европската инвестициска банка, а 25 проценти од банките. Каматата по која ќе се пласира е шест проценти.(МИА)