Скопје, 14 мај 2012 (МИА) – Владата денеска издаде 11. емисија на обврзници за денационализација, со вкупен износ од 10.000.000 евра. Со неа се опфатени сите решенија за денационализација кои станале правосилни од први јануари минатата година до 31 јануари годинава, а во кои како надомест се даваат обврзници, соопшти денеска Министерството за финансии.

 

На сопствениците на обврзниците Централниот депозитар за хартии од вредност ќе им достави на домашна адреса известување за личниот износ на емитувани обврзници.

 

Обврзниците за денационализација пред рокот за нивното достасување граѓаните може да ги користат за акции и удели на претпријатијата кои ги поседуваше Агенцијата за приватизација на Република Македонија, а по престанокот на нејзиното работење преминаа во надлежност на други државни институции, акции и удели на претпријатијата кои се резервирани за поранешните сопственици согласно Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, плаќање на побарувања пренесени со закон на Агенцијата на Република Македонија за управување со средства, а кои се предмет на продажба, купување државен имот кој е понуден за продажба и за чиј откуп е предвидена можност за плаќање со обврзници, купување акции и удели на државен капитал во процесот на негова приватизација; плаќање на надомест за концесија на државен имот, купување или плаќање на закуп на државен имот, плаќање обврски кои произлегуваат од Законот за денационализација и друг еквивалент на сопственост определен со закон.

 

Досега се издадени вкупно 11 емисии на обврзници за денационализација во вредност од 301 милион евра.

 

Comments are closed.