Владата одлучи да ги намали акцизите за старите возила и за 90 проценти од новите и утврди нов модел за пресметка на таа давачка кој се базира на вредноста на возилата, наместо досегашната зафатнина на моторот, информира денеска на прес-конференција вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Според понудениот модел за пресметка, возилата со фактурна вредност до 3.000 евра се целосно ослободени од плаќање акциза. За сите возила до 6.000 евра фактурна вредност акцизата е до 90 евра. Намалувањето на акцизите се движи од 50 до 600 евра, во зависност од вредноста на возилата, додека зголемување има за акцизите на околу 10 проценти од возилата, кои спаѓаат во најлуксузната категорија.
– Понуденото решение ќе овозможи да се обнови во голема мера возниот парк во Македонија со понови, побезбедни и поеколошки возила, и ќе го решиме прашањето на граѓаните кои сега возат автомобили со странски регистерски таблички на многу поволен начин за нив. Воедно ќе обезбедиме да нема посериозни нарушувања на пазарот на нови автомобили, а истовремено остануваме со фискално неутрален модел, односно ќе нема загуби во Буџетот, рече Ставрески и додаде дека во зависност од реакциите на примената можни се извесни позитивни буџетски импликации.
Понудениот модел за пресметка предвидува за возилата меѓу 3.000 и 4.000 евра фактурна вредност акцизата да изнесува 0,5 проценти или 20 евра, за тие меѓу 4.000 и 5.000 евра еден процент или 50 евра, меѓу 5.000 и 6.000 евра 1,5 отсто или 90 евра. Од 6.000 до 8.500 евра ќе се плаќа два проценти акциза или 170 евра, за тие од 8.500 до 12.000 евра по три проценти односно 360 евра, од 12.000 до 14.000 евра – четири проценти или 560 евра, од 14.000 до 16.000 акцизата е шест отсто или 960 евра, од 18.000 до 22.000 евра – 11,5 отсто или 2.539 евра, од 22.000 до 25.000 евра – 13,5 отсто или 3.375 евра. За возилата со фактурна врендост од 25.000 до 30.000 ќе се плаќа по 15,5 отсто акциза или 4.650 евра, а над 30.000 таа ќе изнесува 18 проценти или 6.300 евра.
Наведувајќи примери за намалувањето на акцизиите, Ставрески рече дека ако за автомобили кои досега чинеле меѓу пет и 10.000 илјади евра, со сегашниот модел се плаќаат 244 евра акциза, со новиот таа ќе изнесува меѓу 80 и 200 евра. Кај полуксузните возила акцизата се движи од 2.000 до 8.000 евра, а со промената ќе биде од 3.000 до 8.500 евра, во зависност од вредноста. Според Ставрески, драстичен пад на вкупната цена ќе има на старите возила. За увоз на „опел астра“ со 1.800 кубни сантиметри моторна зафатнина и набавна вредност од околу 4.000 евра досега се плаќеше акзица од 1.800 евра или со сите давачки вкупно 6.500 евра. Со новиот модел на пресметка на акцизата за тоа возило се плаќа 20 евра акциза, односно вкупно 4.745 евра или 1.800 евра помалку, наведе Ставрески.
Новиот модел за пресметка на акцизите, тврди министерот за финансии, нема да предизвика промени на проекциите во Буџетот по тој основ. Приливот од акцизи во Буџетот годишно се движи од 8,5 милиони евра до 10 милиони евра, во зависност од годината.
Според Ставрески, пред носењето на одлуката се консултирани увозниците на возила, кои, како што тврди, генерално изнеле позитивни реакции.
Законските измени за намалување на акцизата ќе бидат доставени до Собранието следната недела и ќе стапат во сила откако ќе бидат усвоени, веројатно во период од околу 20 дена, најави министерот за финансии.
Одговарајќи на новинарски прашања Ставрески оцени дека променетиот модел за пресметка на акцизите одговара на искуствата во други земји и на природата на нивна наплата бидејќи станува збор за давачка која се плаќа пред се на луксуз.
– Не мислам дека се работи за идеологија, туку за практично и прагматично решение преку кое се обидуваме да одговориме на потребите на граѓаните и на нивото на животниот стандард. Од друга страна, ако некој е подоготвен да плати 40.000 евра за автомобил веројатно е логично да плати поголема акциза, рече министерот Ставрески и посочи дека ќе има анализи и на останатите трошоци за автомобилите при регистрација.(МИА)
Акцизна основа во евра | Висина на акциза (во %) | Евра | Денари |
До 3.000 | 0.00% | 0 | 0 |
Од 3.001 до 4.000 | 0.50% | 20 | 1.230 |
Од 4.001 до 5.000 | 1.00% | 50 | 3.075 |
Од 5.001 до 6.000 | 1.50% | 90 | 5.535 |
Од 6.001 до 8.500 | 2.00% | 170 | 10.455 |
Од 8.501 до 12.000 | 3.00% | 360 | 22.140 |
Од 12.001 до 14.000 | 4.00% | 560 | 34.440 |
Од 14.001 до 16.000 | 6.00% | 960 | 59.040 |
Од 16.001 до 18.000 | 9.00% | 1.620 | 99.630 |
Од 18.001 до 22.000 | 11.50% | 2.530 | 155.595 |
Од 22.001 до 25.000 | 13.50% | 3.375 | 207.563 |
Од 25.001 до 30.000 | 15.50% | 4.650 | 285.975 |
Од 30.001 | 18.00% | 6.300 | 387.450 |