Се намалува данокот на ДДВ на продажбата на становите од 18 на 5 проценти. Одлуката за намалување на даночната стапка ја донесе Владата денеска, а од Собранието се очекува да биде прифатено наредната недела.
 
Како што изјави премиерот Никола Груевски, со пет проценти даночна стапка ќе се оданочуваат сите станови кои ќе се продаваат откако ќе стапат во сила новите измени на Законот за ДДВ, односно ќе важи пониската даночна стапка и за становите кои се веќе изградени, а нивната продажба ќе се случи по донесување на законските измени.
 
– Мерката ќе има неколку позитивни ефекти. Во услови на криза ќе ја стимулира изградбата на станови од страна на градежните компании со што ќе се помогне да дојде до заживување на градежништвото, но и на останатите 20-тина стопански гранки поврзани со станбената изградба, како што се занаетчиството, индустријата, производството на мебел и други кои се поврзани со изградба на станови и станбени згради, изјави премиерот Груевски.
 
Тој додаде дека ова ќе придонесе и за намалување на цената на становите за околу 13 проценти, што ќе помогне многу граѓани да го решат станбеното прашање. – Со поголема понуда на станови на пазарот на недвижности, како и директниот ефект од намалената даночна стапка, се очекува намалување на вкупната цена на станбениот простор, а со тоа тој да биде подостапен за граѓаните на Република Македонија, истакна премиерот.
 
Еден од позитивните ефекти, што се очекува од оваа одлука, е и заживувањето на пазарот на недвижности во Македонија кој, како што рече Груевски, е еден од двигателите на економскиот развој во секоја земја. Според него, тоа ќе овозможи и покрај намалувањето на даночната стапка приходите во Буџетот по овој основ да имаат позитивен ефект. Даночните приходи по овој основ во Буџетот се околу 10 до 11 милиони евра.
 
Намалувањето на данокот на додадена вредност кај продажбата на становите, како што рече премиерот Груевски, е и долгогодишно барање на стопанските комори на Македонија.(МИА)