Скопје, 27 јуни 2014 (МИА) – Нов сет мерки кои значат суштинска поддршка на бизнис заедницата во Македонија, донесе Владата на денешната седница.

Како што соопшти премиерот Никола Груевски на денешната прес-конференција првата мерка се однесува на усвојување на акцискиот план на Македонската банка за поддршка на развој, за почеток со реализација на четвртата евтина кредитна линија од нови 100 милиони евра, при што Владата ја субвенционира и каматата која изнесува максимум 5,5 проценти.

– Од средствата, 15,3 милиони евра ќе се искористат за 66 претпријатија, а ќе може да се влечат од втората половина на јули 2014 година. Овие средства ќе бидат наменети за мали и средни претпријатија и тоа за компании кои со своите вложувања придонесуваат за порастот на вработувањата и на извозот. Со овие средства тие ќе добијат значајна финансиска поддршка за јакнење на нивните конкурентски способности на домашниот и на странскиот пазар, како и нивна ликвидност, рече премиерот Груевски.

Како што појасни, 75 проценти од средствата ќе бидат распределени за финансирање инвестициски проекти, а остатокот за финансирање обртни средства. Според распределбата, 37 проценти ќе бидат наменети за преработувачката индустрија, 23 проценти за трговијата, а остатокот за транспортниот, за градежниот сектор и за други. До крајот на 2014 се планира да се повлечат вкупно 40 милиони евра, а остатокот до крајот на 2015 година.

– Со реализацијата на оваа четврта кредитна линија од 100 милиони евра се очекува да се отворат 2.150 нови работни места, подвлече шефот на Владата.

Како втора мерка во областа на економијата која е донесена на денешната владина седница, а претставува и исполнување на ветувањето дадено за време на изборите, е усвоен Предлог-закон за прекршоци со кој се одмерува висината на глобата за правните лица и трговците поединци. Според Предлог-законот, нивелацијата ќе се врши врз основа на вкупниот приход од претходната фискална година и според просечниот број вработени врз основа на состојбата од претходниот месец, како и претходното поведение на сторителот.

– Пример, ако е изречена глоба до 10.000 денари, а субјектот има приходи до 500.000 денари и до девет вработени, а нема претходни прекршоци, ќе плати десет проценти од предвидената глоба или 1.000 денари и 500 денари според бројот на вработените. Или вкупно 1.500 денари. Доколку се работи за поголем субјект, санкциите соодветно ќе се зголемат така што се добива димензија на правичност, рече премиерот Груевски.

На денешната седница Владата донесе одлука и со отпочнување на последната фаза од проектот за топ менаџери со кој ќе бидат опфатени 140 менаџери од домашни компании, кои ќе бидат испратени на едномесечна обука во странски компании и тоа во високо развиените земји.

Comments are closed.

Close Search Window