Скопје, 29 јули 2011 (МИА) – Од први септември годинава поевтинува зелената карта за патничките и товарните моторни возила, се намалува данокот на додадена вредност од 18 на 5 отсто за туристичките услуги и за прометот и увозот на суровото масло кое се употребува при производството на масло за јадење, а даночните обврзници чиј вкупен приход остварен претходната година по сите основи не изнесува повеќе од три милиони денари целосно ќе бидат ослободени од обврската за плаќање данок на добивка.
Ова се само дел од мерките што ги донесе Владата на денешната прва седница кои, како што соопшти премиерот Никола Груевски, ќе ја подобрат бизнис климата, ќе имаат позитивно влијание врз стандардот на граѓаните и ќе ги подобрат можностите на компаниите.
Владата донесе и Предлог-закон за субвенционирање кредити за купување стан и куќа.
– Годишната зелена карта за патничките возила до 66 киловати поевтинува од 160 евра на 60, за патничките возила над 66 киловати од 160 евра на 90, а за товарните возила цената на зелениот картон се намалува од 450 евра на 280. Се укинуваат месечните, тримесечните и шестмесечните зелени карти и за патничките и за товарните моторни возила, информира Груевски на прес-конференција.
Според вицперемиерот Владимир Пешевски, и натаму останува опцијата оној што патува во странство да избере дали ќе користи зелена карта, односно услуги за осигурување од штети.
Предвидена е и измена на Законот за задолжително осигурување во сообраќајот со што во иднина надлежноста за формирање на цената на зелената карта ќе биде пренесена на Владата.
На трговските друштва кои во текот на годината остваруваат 3 до 6 милиони денари приход со измените на Законот за добивка ќе им се овозможи избор на моделот на оданочување. Ќе имаат можност да плаќаат данок на вкупен приход во висина од еден отсто наместо данок на добивка од 10 проценти како што предвидува постојното законско решение. Одбраниот модел на оданочување, појасни Груевски, нема да може да го менуват во следните три години, вклучувајќи ја и годината за која се плаќа данок на вкупен приход.
– Со овие мерки директно го стимулираме развојот на приватниот сектор, самовработувањето, формирањето нови и растот на постојните мали бизниси. Предложените решенија ќе се применуваат уште во текот на оваа година. Ослободените средства од данок се финансиска поддршка за развој на постојните и на новоформираните фирми во тековната година, истакна Груевски.
Со намалувањето на ДДВ за суровото масло, додаде, Владата директно влијае на намалување на трошоците на производителите, а тоа ќе се одрази врз формирањето на крајната цена на маслото за јадење.
Владата посебно се фокусира на туризмот каде се креираат поголем број работни места, се обезбедуваат поголеми девизни приливи, се овозможува локален економски развој и се промовира културното наследство на земјата.
– Покрај субвенциите за туроператорите за носење странски гости, намалувањето на стапката на ДДВ за ноќевањата, сместувањата со појадок, полупансионите и полните пансиони во сите видови комерцијални угостителски објекти се очекува да ги намали цените на услугите на хотелските и другите сместувачки капацитети за износот на намалениот данок, угостителските објекти да бидат поконкурентни на пазарот, да се зголеми бројот на домашни и странски туристи, да се зголеми профитот, како и осовременување на објектите, нивна реконструкција или проширување. Намалувањето ќе влијае и на зголемување на прометот на прехранбените производи, на раздвижување на некои производни капацитети во оваа сфера, како и на зголемување на сезонското и редовното вработување во секторот туризам, посочи Груевски.
Целта на Предлог законот за субвенционирање кредити за купување стан и куќа е да им се помогне на граѓаните на кои не им е решено станбеното прашање и немаат сопствен дом и живеалиште, посебно на младите луѓе и брачните парови.
– Владата ќе почне со реализација на два проекта, пола-пола рата за првите пет години и 50 отсто учество за купување стан или изградба на куќа, истакна премиерот.
Со новото законско решение ќе се субвенционира половина од месечната рата за период од 5 години, за кредити со максимален износ до 50.000 евра кои ќе бидат наменети за изградба на куќа или купување на стан. Притоа, ако се купува стан, продажната цена со пресметан ДДВ не смее да надминува 900 евра за квадратен метар корисна нето-површина. Каматата на кредитот во првите три години не смее да биде поголема од 4,99 отсто годишно.
Корисниците нема да ги враќаат субвенционираните средства. Средствата ќе може да се користат како за нов стан или куќа, така и за купување или изградба на поголем стан/куќа преку продажба на постојниот стан/куќа. Доколку е кредитот поголем од 50.000 евра, субвенционирањето нема да се однесува за износот што ја надминува оваа сума.
– По завршување на периодот од три години, во следните две години каматната стапка нема да може да се зголеми за повеќе од 10 проценти, ќе изнесува до 5,5 отсто годишно. Средствата за субвенционирање на месечните рати на банките ќе им се исплаќаат за цела година однапред. Рокот за враќање на кредитите не смее да биде пократок од 20 години, објасни Груевски.
Вториот проект предвиден со овој Закон значи можност државата да плати 50 проценти од учеството во кредитот за изградба на куќа/купување стан. Останатите 50 отсто од учеството ќе ги обезбеди купувачот. Учеството не смее да надминува 25 отсто од кредитот за целиот стан/куќа, при што кредитот не може да надминува 50.000 евра. Ако се работи за кредит за купување стан, продажната цена со пресметан ДДВ не смее да надминува 900 евра за квадратен метар корисна нето-површина. Рокот на отплата не може да е пократок од 20 години, а каматната стапка треба да е пониска од ЕУРОЛИБОР + 4,5 отсто.
Средствата, рече премиерот, се обезбедени од Буџетот на Република Македонија, а корисниците ќе почнат да ги враќаат по 20 години, без камата, на пет годишни рати. Доколку кредитот е поголем од 50.000 евра, овие услови нема да важат за делот што надминува 50.000 евра.
Условите за користење кредити од оваа програма ќе бидат, станот што се купува/куќата која се гради да е новоградба со сета потребна документација (имотен лист, дозволи и одобренија за градба), да се купи директно од инвеститорот или од изведувачот на станбениот објект, корисникот на кредитот, односно неговиот брачен другар да не поседува во сопственост станбен објект за што ќе приложи изјава под полна материјална и кривична одговорност, корисникот на кредитот да може да продаде сопствен станбен објект за да изгради куќа, корисникот на станбен кредит и неговиот брачен другар да не бидат оптоварени со друг станбен кредит, заедничката заработувачка на корисникот на станбениот кредит и неговиот брачен другар да не надминува 900 евра месечно.
При склучувањето договор со банките ќе се предвиди забрана за давање на недвижноста под закуп (кирија), забрана за дополнително оптоварување на недвижноста со хипотека и обврска за пријавување на местото на живеење на адреса на новиот стан/куќа во рок од 15 месеци од денот на склучување на купопродажниот договор.
Одговорајќи на новинарско прашање, вицепремиерот Зоран Ставрески рече дека ќе се разработи делот во однос на материјалната и кривичната одговорност на лицето што поднесува барање за добивање субвенциониран кредит. Идејата е да се спречат евентуални злоупотреби.
– Целта е парите да стигнат до оние што првпат во најголем дел го решават станбеното прашање и кои ќе ги исполнат предвидените услови. Сакаме да овозможиме средната и пониската класа граѓани да изградат куќа или да купат стан, појасни Ставрески.
Програмата за стекнување сопствен дом ќе трае четири години додека трае мандатот на оваа Влада. Во секоја буџетска година согласно приоритетите ќе биде утврдуван износот на средства што ќе се користат за субвенционирање на изградбата на нови куќи и купувањето станови.
Според Ставрески, фискалните импликации се 150 милиони денари за мерката данок на добивка, 300 милиони денари годишно за ДДВ, а за субвенционирањето на станбената изградба нема фискални импликации се додека не се утврди во буџетот колку средства ќе бидат планирани за оваа немена, образложи меѓу другото Ставрески.
Тој информира дека досега се направени инцијални разговори со банките околу каматите.
– Во тој поглед ќе се продолжат разговорите. Сега имаме период од 60 дена од подзаконските акти. Законот ќе стапи во сила со новата буџетска година, од 1 јануари. Веруваме дека ќе успееме да постигнеме договор барем со дел од банките за прифаќање на овие услови. Оставаме и флексибилност, ако граѓаните не можат да дојдат до средства под тие услови, ние ќе субвенционираме повторно, но до оние лимити кои ги утврдивме. Другиот дел нема да биде субвенциониран што не значи дека ќе бидат исклучени од можноста да користат субвенционирани средства, рече Ставрески.
Начинот на конкурирање, објасни, ќе биде сосема транспарентен врз основа на јавен оглас што Министерството за финансии ќе го распише за учество на банките со одредени критериуми што треба да ги задоволат и со можност во период од неколку месеци граѓаните преку јавен оглас да бидат информирани за оваа можност да аплицираат. Претходно ќе треба да имаат добиено согласност од банките дека се кредитоспособни. Најверојатно изборот ќе биде со електронско наддавање.
– Со спроведување на законот ќе се поттикнат активностите и вработеноста во секторот градежништво. Се оценува дека ефектите од ваквата мерка ќе бидат многу пошироки со оглед дека тие последователно ќе се прелеат и ќе ја поттикнат активноста во многу други сегменти од економијата и општеството во целина, нагласи Груевски.
Ова се, рече, само почетни мерки од владината програма кои имаат длабока позитивна рефлексија. Ќе следуваат нови и нови со кои уште повеќе ќе се подобрат условите и за граѓаните и за компаниите.
– Континуитетот на реформите и давањето резултати од нив, надополнети со новиот почеток и новиот циклус на нови реформи и мерки ќе ја издигнат Македонија на ново скалило на квалитетот на животот и конкурентноста. Целта е подобар живот за сите граѓани. Ќе ги вложиме сите наши потенцијали тоа да го овозможиме, истакна Груевски уште еднаш изразувајќи благодарност до граѓаните за поддршката и довербата.
– Ветуваме дека максимално ќе работиме во интерес на сите граѓани да ја исполниме програмата во функција на подобрување на животниот стандард и економскиот раст и развој. Довербата мора да се оправда. Треба да се дејствува брзо, ефикасно и ефективно. Реформите продолжуваат со несмалено темпо и со зголемен интензитет, подвелече премиерот Никола Груевски на денешната прес-конференција на која присуствуваа и сите членови на новата Влада.