Министерството за финансии ги известува граѓаните дека Владата на Република Македонија денес, 6 април 2009 година, ја издаде Осмата емисија на обврзници за денационализација.

 

Вкупниот износ на кој се издаваат обврзниците за денационализација од Осмата емисија е 23.000.000,00 ЕВРА.

 

Со Осмата емисија на обврзниците за денационализација опфатени се сите решенија за денационализација кои станале правосилни до 31.12.2008 година, а во кои како надомест се даваат обврзници.

 

Обврзниците за денационализација се издаваат како дематеријализирани хартии од вредност, а на сопствениците на обврзниците Централниот депозитар за хартии од вредност им доставува на домашна адреса известување за личниот износ на емитувани обврзници.

 

Тргувањето со обврзниците за денационализација од Осмата емисија ќе се врши на Македонска берза АД Скопје, со посредство на брокерските куќи и банките – членки на Македонската берза АД Скопје.

 

Обврзниците за денационализација, пред рокот за нивно достасување, граѓаните може да ги користат за:

  • купување на акции и удели на претпријатијата кои ги поседува државата;
  • акции и удели на претпријатијата кои се резервирани за поранешните сопственици согласно Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал;
  • плаќање на побарувања пренесени со закон на Агенцијата на Република Македонија за управување со средства (функциите на Агенцијата за управување со средства преминаа во рамки на Министерството за финансии);
  • купување на државен имот кој е понуден за продажба и за чиј откуп е предвидена можност за плаќање со обврзници;
  • купување на акции и удели на државен капитал во процесот на негова приватизација;
  • плаќање на надомест за концесија на државен имот; купување или плаќање на закуп на државен имот;
  • плаќање на обврски кои произлегуваат од Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација и друг еквивалент на сопственост определен со закон.

Comments are closed.