23 мај 2018, Скопје – На вчерашната владина седница Владата на РМ ја донесе Фискалната стратегија 2019-2021 година, која претставува клучен документ за утврдување на среднорочните фискални цели на Владата и нивно поврзување со стратешките приоритети. Таа ја поставува иницијалната рамка за водење на фискалната политика во наредниот среднорочен период.

Исто така, Фискалната стратегија претставува алатка за следење на динамиката на приходите и расходите во однос на фискалните цели, како и инструмент за зголемување на ефикасноста при управувањето со јавните финансии. 

Фискалната политика во периодот 2019-2021 ќе се карактеризира со натамошно подобрување на управувањето со јавните финансии, што ќе резултира со задржување на  макроекономската стабилност, етапна фискална консолидација и одржување на низок буџетски дефицит и стабилно ниво на јавниот долг.

На среден рок, се очекува постепено забавување на растот на вкупните расходи, што ќе придонесе кон постепено стеснување на вкупниот буџетски дефицит од 2,7% од БДП во 2018 година на 2% од БДП во 2021 година. Притоа, расходната страна на Буџетот на РМ во наредниот период целосно е креирана во функција на остварување на стратешките приоритети на Владата, односно забрзување на економскиот раст, подобрување на животниот стандард и забрзување на интеграционите процеси во ЕУ и НАТО.

Во делот на тековните расходи, планирано е продолжување на стриктната контрола на новите вработувања и етапно зголемување на платите на одделни сектори согласно фискалните можности, навремена исплата на пензиските примања и социјалните надоместоци, значителни износи за субвенции во земјоделството и поддршка на инвестициите за зголемување на конкурентноста на македонската економија и вработувањето.

Фокусот на фискалната политика останува на обезбедување значително ниво на јавни инвестиции, кои се предуслов за подобрување на економските перспективи, како и подобар и поквалитетен живот на граѓаните. Во таа насока, планиран е значителен износ на капитални инвестиции во железничката инфраструктура, енергетската и комунална инфраструктура, како и инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.

Фискална стратегија 2019-2021

Comments are closed.

Close Search Window