Берово, 21 април 2016 (МИА) –  Општина Берово има обезбедено над сто парцели за проектот „Купи куќа за млади“, на површина од 5,2 хектари во месноста Ширината. Ова го изјави Мишо Догазановски од Одделението за урбанизам во општина Берово при синоќешната промоцијата на проектот „Купи куќа за млади“ што се одржа во Бизнис центарот во Берово.

– Овие урбанистички планови Министерството ќе ги донесе во скратена постапка и очекуваме да станат функционални кон средината на годинава. Предлогот е да се најде празна површина во државна сопственост каде ќе можат да се изработат над 100 плацови, а најмалата големина на плацовите ќе биде 300 метри квадратни, рече Догазановски.

Претставникот од Министерството за финансии, Драган Мустачки, пред присутните го образложи Проектот и поволностите што младите брачни парови на возраст до 35 години можат да ги искористат за да си изградат свој дом.

– Проектот „Купи куќа за млади“ нуди избор на еден од двата модела со кои Владата преку неповратни средства помага при отплаќање на ратата или го плаќа учеството за станбен кредит за купување, изградба, надградба или доградба на куќа. Преку моделот „Субвенција на рата“, Владата плаќа 80 отсто од месечната рата во првите 8 години и 50 отсто од ратата во наредните три години од отплатата, додека преку моделот „Субвенција на учество“ поддршката од Владата за отплата на целосното учество од субвенционираниот кредит за куќа, односно до 25 проценти од кредитот, рече Мустачки.

Во рамки на проектот „Купи куќа, купи стан“, во изминатите 4 години, со субвенции од 4,7 милиони евра се помогна 728 семејства да го решат станбеното прашање.

Во рамки на караванот „Купи куќа за млади“ презентација се одржа и во Дебар.

Во Дебар, како што појаснија од Општината, нема градежно земјиште во државна сопственост, но има околу 100 плацови за изградба на куќи кои се во приватна сопственост, а кои се во населбите „Венец еден“, „Венец два“ и месноста „Краварски пат“.

– Чекаме согласност од Министерството за транспорт и врски околу генералниот убанистички план, по што во спогодба со сопствениците ќе може да се откупуваат плацови за изградба на индивидуални куќи, рече Владимир Стефановски. 

Comments are closed.

Close Search Window