24 август 2018 година, Скопје – МФ Тевдовски заедно со министерката Царовска и со градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, денеска ја отворија првата градинка во велешкото село Караслари. Објектот „Пинокио“ е со капацитет за 40 деца, а за негово опремување од Буџетот се издвоени околу 850 илјади денари.
Тевдовски истакна дека се вложува во градинките, но и во кадарот кој работи со децата.
„Од септемвриската плата исплатена во октомври предвидено е покачување од 5%, за сите 4.300 вработени во градинките“, изјави Тевдовски.
Тевдовски додаде дека се работи на проект вреден 35 милиони евра за изградба на градинки, во соработка со Светска банка.
„Нашата цел е континуирано да ги зголемуваме просторните капацитети на детските градинки во земјава и во предшколските програми да ги вклучиме и дечињата од руралните средини кои досега немаа таква можност. Затоа како Влада посветено работиме на секое дете да му обезбедиме услови за подобар раст и развој“, рече Царовска на отворањето на градинката во Караслари.
Владата продолжува посветено да работи на подобрување на условите во градинките и јакнење на капацитетите и кадарот. Од 1 јануари годинава досега МТСП обезбеди финансиска согласност за вработување на над 900 лица од кои поголемиот дел се на неопределено време.
Низ Македонија од јуни лани до јули годинава се отворени 11 нови објекти. До крајот на годината е предвидено да се отворат уште 11 нови градинки. За изградба, опремување и одржување на градинките за годинава од Буџетот на државата се обезбедени 41,6 милиони денари.