Прилеп, 17 март 2016 (МИА) – Со проектот „Купи куќа за млади“ се нуди уникатна можност за поддршка на младите до 35 години да дојдат до свој дом. Поддршката доаѓа во првите години од кариерата, кога парите се најпотребни и се нуди еднаш во животот, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески пред присутните прилепчани на промоцијата на овој владин проект.

Тој нагласи дека во разговорите со граѓаните за проектот „Купи куќа, купи стан“ констатирале оти има потреба од креирање нов проект, кој ќе им овозможи на младите да дојдат до сопствен дом.

– Низ разговорите со младите сфативме дека има потреба од нов проект, кој ќе ги опфати младите на кои во почетокот на кариерата, кога немаат заштеди, многу ќе им помогне. Го понудивме овој проект, „Купи куќа за млади“, со што ги подобривме условите, рече Ставрески.

Младите до 35 години може да добијат голема поддршка од Владата во текот на 11 години од отплатата на станбениот кредит. На располагање се два модела.

– Со првиот модел, првите осум години Владата ќе отплаќа 80 проценти од ратата, главнината и каматите. Следните три години Владата ќе отплаќа 50 проценти од месечната рата. Втората опција е доколку некој нема доволно пари за учество во банката, Владата да ги даде парите за учеството, а другото да го отплаќа барателот, појасни Ставрески.

Според него, ваква можност се нуди еднаш во животот и ваква поддршка од Владата немало во изминатите 50 години. – Ако вкупно се собере колку изнесува поддршката од Владата, таа може да дојде и до 33.000 евра во текот на 11 години, посочи Ставрески.

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески информира дека општината има на располагање 370 плацови.

– Во населбата „Градина“, кај некогашните оранжерии, има на располагање 370 плацови, кои младите може да ги искористат преку владиниот проект „Купи куќа за млади“, со што воедно ќе ги искористат поволностите што се нудат со проектот. Прилеп ги поддржува сите можности што ги нуди државата за подобрување на животот на граѓаните, особено на младите, рече Ристески.

Проектот „Купи куќа за млади“ беше претставен и пред младите во Крушево и во Македонски Брод. Во Крушево се нудат 40, а во Македонски Брод 130 плацови.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window