Во минатиот месец се остварени буџетски и даночни приходи кои ги надминуваат планираните фискални приходи за 1,6 проценти што се случува трет месец по ред, соопшти денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
 
Тој појасни дека севкупните и даночните приходи се повисоки од планираните додека приходите од ДДВ како најзначаен репрезент на вкупната економска активност во земјата се поголеми за 2,8 проценти.
 
– Септември потврди дека продолжува тенденцијата да остваруваме приходи повисоки од истиот месец лани. Како во јуни и во август и во септември вкупните приходи се повисоки од минатогодишните во истиот период за 2,24 проценти, посочи министерот Ставрески.
 
Истакна дека во првите девет месеци од годината вкупниот буџетски дефицит изнесува 1,6 проценти од БДП што, според него, покажува дека е целосно во рамки на планираниот буџетски дефицит и оти до крајот на годината ќе остане во контролираното ниско ниво од 2,5 проценти од БДП.
 
Одговарајќи на новинарско прашање министерот Ставревски посочи дека државата нема долг по основ на поврат на ДДВ и оти во законски предвидениот рок од 30 дена се враќаат обврските кон фирмите.
 
Заклучно со септември сите обврски се исплатени по основ на поврат на ДДВ, подвлече Ставрески.
 
Во однос на двојното оданочување посочи дека Владата и Министерството за финансии постојано работат на подготвување нови договори за избегнување на двојното оданочување и заштита на инвеститорите, а посебен таков договор кој треба да биде потпишан со Црна Гора помина на вчерашната владина седница.
 
– Вакви договори се потпишани со десетици еврпски земји. Но ние ќе ги разгледаме барањата на бизнисмените во тој дел. Се она што може да го прифатиме ќе го прифатиме и ќе инцираме постапка за преговори со земјите со кои што Бизнис заедницата е заинтересирана. Мислам дека е значајно да се отвораат нови пазари и доколку има такви идеи од бизнис секторот Владата ќе одговори на нив, рече министерот Ставрески одговарајќи на новинарски прашања.(МИА)