Прибирањето на приходите во буџетот во јули покажуваат позитивни сигнали за закрепнување и првпат по неколку месеци буџетското салдо е во суфицит. Приходите се пониски за само четири проценти од планираното со ребалансот на Буџетот за 2009 година, а ваквиот тренд на прибирање на приходите, Владата очекува да продолжи и во август.

&nbsp

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска на прес конференција информира дека јули е надобар месец од аспект на прибирање на приходите во буџетот така што вкупните приходи во буџетот достигнаа 7,373 милијарди денари при што даночните приходи се остварени во износ од 6,778 милијарди денари. Во јуни, како што посочи, даночните приходи изнесуваа 4,995 милијарди денари, а во мај 5,145 милијарди денари.

&nbsp

– Приходите во јули се за околу 1,8 милијарди денари повисоки од приходите во мај и јуни, истакна на Ставрески и додаде дека во однос на приходите прибрани во јули минатата година се за 2,5 проценти пониски.

&nbsp

Приходите од даноците, појасни министерот за финасии, се приближија до планираните од ребалансот така што приходите од Данокот на додадена вредност се остварени со 97,5 проценти, а вкупните даночни приходи со 95,5 проценти. Во мај и во јуни даночните приходи биле пониски за 15 до 20 проценти во однос на планираното.

&nbsp

– Тоа покажува дека постои тренд, или можеби почнува тренд на постепено закрепнување на буџетските приходи. Веруваме дека во наредните месеци овој тренд ќе продолжи, односно ќе се настојува преку уредна наплата на приходите државата да си ги сервисира сопствените обврски од расходната страна, истакна Ставрески, додавајќи оти ова помага и во подобрувањето на ликвидноста на буџетот. Тој потенцира дека за сервисирање на тековните расходи не се користени средства од еврообврзницата.

&nbsp

Иако е во суфицит во јули, кумулативно буџетот е во дефицит за оваа година. – Во јули успеавме да се вратиме во суфицит од околу 266 милиони денари, што кумулативно го намали вкупниот дефицит во првите седум месеци на 5,3 милијарди денари. За целата година планирано е дефицитот да изнесува 8,7 милијарди денари, изјави Ставрески.

&nbsp

Според него, тоа покажува дека ликвидноста на буџетот во јули е подобрена и оти без никаков проблем со тековните приходи буџетот ќе ги сервисира сите тековни расходи.

&nbsp

– Сите стекнати права од аспект на социјални права, плати, пензии, надоместоци, социјални трансфери и сите други расходни компоненти се реализираат според предвидената динамика. Очекувам дека во август ќе продолжи оваа тенденција на закрепнување на приходите, но се разбира прерано е да се каже колку вкупните расходи и вкупните приходи ќе изнесуваат до крајот на годината, меѓутоа овие први знаци на закрепнување покажуваат дека можеме да очекуваме да останеме во зоната на предвидениот буџетски дефицит од 2,8 проценти од БДП, рече вицепремиерот и министер за финансии Ставрески.

&nbsp

Тој истакна дека подобрувањето на приходите од јули не значи дека Владата се откажува од поттребата за ребаланс и оти како што е зацртано во текот на август ќе се предложи ребаланс до Владата, а по 1 септември ќе се продолжи со подготовка на буџетот за 2010 година.

&nbsp

Во ребалансот, најави дека ќе се намалат непродуктивните ставки, а очекува да се зголеми реализцијата на капиталните инвестиции во втората половина од годината, која во првите шест месеци изнесува 40 проценти.

&nbsp

Новиот ребаланс на Буџетот ќе биде прилагоден на реалните движења во економијата.

&nbsp

Ставрески на прес-конференцијата како успешна ја оцени денешната аукција на шестмесечните државни записи со девизна клаузула. Беа понудени 1,5 милиони денари со каматна стапка од 5,5 проценти.

&nbsp

– Успеавме да го прибереме минималниот износ. Она што ни беше цел е да не повлечеме премногу средства и да не одиме многу агресивно со каматната стапка. Така и во иднина ќе настојуваме да интеревенираме со државните записи тогаш кога е неопходно со најмал можен износ на средства и со најниска камата. Веруваме дека таквата практика ќе биде следена и од другите институции со цел да испратиме сигнал дека макроекономската стабилност овозможува каматните стапки да се спуштат, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.(МИА)

Comments are closed.