Вицепрeмиерот и министер за финансии Зоран Ставрески смета дека годинава почна добро за Република Македонија во однос на странските инвестиции.
 
– Првиот месец имаме 52 милиони евра странски инвестиции, а и 2010 година беше доста успешна во тој дел, имајќи ги предвид вкупните странски инвестиции од 222 милиони евра што е за 50 проценти повеќе од 2009 година. Значи, во една кризна година кога светот се уште ги чувствуваше последиците од светската криза реализирани се двојно повисоки странски инвестиции од просечните инвестиции што доаѓаа од 2003 до 2005 година, изјави вицепремеирот Ставрески по пуштањето во употреба на новиот објект за ветеринарна и фитосанитарна контрола на граничниот премин Табановце.
 
Имаме амбиции, нагласи, за повеќе и очекувам во посткризниот период со враќањето на довербата на инвеститорите да се вратиме на она ниво на странски инвестиции што го имавме пред кризата некаде од 400 до 500 милиони евра годишно.
 
– Добар дел на инвестициите се должи на мерката на Владата за нула проценти на данок на добивка за фирмите кои веќе инвестирале во Македонија со странски капитал. Ја реинвестираа таа добивка што потврдува дека се работи за добра мерка којашто ја искористија инвеститорите за да ги оплодат тие пари и повторно да ги вратат во економијата во Македонија, истакна Ставрески.
 
Одговарајќи на новинарски прашања за барањата на градежниците, рече дека како Влада добиваат постојано барања од стопанствениците и оти за градежништвото имаат преземено многу мерки и активности.
 
– Во овие две изминати години додека беше кризата создадовме многу работа за секторот градежништво преку зголемените јавни инвестиции во делот на капиталните инвестиции, рече Ставрески и додаде дека Владата претходно го намали и данокот на додадена вредност, за прометот на станови на 5 проценти.
 
Спроед него, тоа се добри мерки кои помогнаа градежништвото да добие силна поддршка. Владата, нагласи, останува отворена и за сите други барања на коморите, а барањата ќе се разгледуваат во одредени бази според проценките и можностите на Буџетот.
 
– Во оваа ситуација имаме еден сет на мерки кој покажува дека Владата беше доста активна и ангажирана во процесот на борба против инфлација, како и за наоѓање на начини за ублажување на ценовниот удар од порастот на цената на нафтата, рече Ставрески, додавајќи дека очекува мерките да помогнат во пребродувањето на овие удари.
 
Тој истакна дека од сите контакти што ги има со стопанствениците заклучил дека се задоволни од мерките што ги спроведува Владата, како што е намалување на акцизата и за намалување на цената за приватизација на градежното земјиште.
 
– Стопанствениците се многу задоволни од овие мерки и како и во сиот овој процес во изминатите две години постојано сме во контакти и разговараме за нови и нови начини како државата да му помогне на стопанството, но како и целокупниот банкарски систем треба да се активира преку кредитна активност за поддршка на стопанството.(МИА)