Скопје, 28 јануари 2015 (МИА) – Македонија во моментов има најдобри економски перформанси од земјите во регионот. За среќа вие избегнавте да направивте некоја од непотребните грешки какви што се направија во Словенија, Хрватска, па дури и во Србија.Тоа е добра основа за натамошно подобрување на економијата и за спроведување на неопходните реформи, порачува поранешниот словенечки министер за финансии Митја Гаспари.

Тој посочува дека секогаш е неопходно да се има стабилно окружување без експерименти и силен извозен сектор за даоди економијата напред.

-Мала отворена економија не може да биде стабилна и да има социјална кохезија без силен извоз. Вие сте на добар пат да ги постигнете овие цели. За тоа ви е потребна и малку среќа, но во секој случај обидете се да играте на начин кој сами ќе го изберете, а не како што ќе ви кажат другите, бидејќи на крајот вие живеете во Македонија, а не странците, изјави Гаспари за МИА по завршувањето на предавањето во рамки на ЕУ Твиниг проектот за зајакнување на капацитетот на Министерството за финансии за макроекономска анализа и формулирање на политики.

На предавањето во Министерството за финасии, на кое присуствуваа и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и гувернерот на НБРМ Димитар Богов, истакна дека Македонија е среќна што за време на економската и должничката криза не беше членка на Европската унија. Тоа, додаде, е една од причините за растот на економијата и полесното справување со кризата.

Според него, реализацијата на капитални инвестиции е добра за економија како македонската. -Капиталните инвестиции се добри за секоја одржлива економија. Доколку инвестирате во инфраструктурата, образованието и здравството ја правите вистинската работа за својот народ, рече Гаспари.

Политиката на привлекување директни странски инвестиции во Македонија, нагласи, носи нови технологии, знаења и пазари.

– Покрај тоа носи и некои бенефити. Нормално е дел од профитот од слобдните економски зони да се одлива, бидејќи секој инвеститор сака да го прелее во својата матична држава, но секако дел останува и кај вас, прецизира Гаспари.

Comments are closed.

Close Search Window