Сојузна Република Германија со кредит во износ од 60 милиони евра пласиран преку КфВ банката ќе го подобрува енергетскиот сектор во Македонија. Дел од средствата во износ од 27,1 милион евра ќе се користат за ревитализација на хидроелектраните Глобочица, Тиквеш, Вруток, Равен, Врбен и Шпиље, а останатите за изградба на ветерни електрани кај Богданци.
 
Тоа го овозможува денеска потпишаната Спогодба меѓу Владите на Република Македонија и на Сојузна Република Германија за финансиска соработка за втората фаза на „Програмата за енергетска ефикасност“, како и Договорот за заем меѓу македонската Влада, АД ЕЛЕМ и КфВ банката за реализација на прокетот за рехабилитација на шесте електрани.
 
– Со денешниов настан се обезбедуваат 60 милиони евра за реализација на два значајни проекти од областа на енергетиката. Станува збор за проектите „Рехабилитација на шест хидроцентрали“ и „Изградба на ветерни електрани Богданци“ кои се дел од втората фаза на „Програмата за енергетска ефикасност“. Тие се чекор напред на Владата на Република Македонија кон остварување на поставените цели за зголемена употреба на обновливите извори на енергија, подобрување на енергетската ефикасност и намалување на увозната зависност од електрична енегија, рече вицепремеирот и министер за финансии Зоран Ставрески по потпишувањето на договорите.
 
Тој посочи дека заемот од 27,1 милон евра за ревитализација на електраните му е доделен на ЕЛЕМ под исклучително поволни услови со рок на отплата од 15 години, грејс период од пет години и каматна стапка која во моментов е под еден отсто.
 
– Со проектот „Изградба на ветерни електрани кај Богданци“ за кој од Владата на СР Германија се обезбедени 32,9 милони евра, од вкупно потребните 75 милиони за негова реализација, се предвидува изградба на парк на ветерни електрани кои треба да постигнат годишно производство од 100 гигават часови. Поректот е во подготовка и очекуваме во првата половина од наредната година да се склучат договорите за негова реализација, рече Ставрески, заблагодарувајќи се за долгогодишната успешна соработка со СР Германија и КфВ банката.
 
Министерот за економија Фатмир Бесими нагласи дека со денешното потпишување на договорите де факто се реализира Стратегијата за енергетика на Владата на Република Македонија.
 
– Двата проекта се во согласност со Стратегијата за енергетика и Стратегијата за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Со тоа се докажува дека двата стратешки документа нема да останат само на хартија, туку дека ќе се спроведуваат, рече Бесими.
Греманската амбасадорка Улрике Кноц рече дека е важно Македонија да ја намали зависноста од увоз на електрична енергија и додаде дека земјава има огромни потенцијали за производство на струја од обновливи извори на енергија.
 
– Билатералната соработка меѓу Германија и Македонија има за цел да се подобри економскиот и социјален развој на Македонија. Денешниот настан е еден чекор во нашите заеднички напори за подобрување на животот на граѓаните во Македонија, рече Кноц.
 
Директорот на АД ЕЛЕМ Влатко Чингоски смета дека договорот е успешно заокружување на едногодишните заеднички активности и напори за обезбедување средства за реализација на Прекотот за ревитализација на електраните.
 
Со проектот се предвидува, во хидроелектраните каде веќе се заменети турбинските кола и турбинската опрема со нови со подобри карактеристики, да се замени застарената и истрошена хидро-механичка, машинска, електро опрема и да се извршат интервенции во градежниот дел. Освен замена на старата и дотраена и нефункционална опрема, во рамките на реализација на проектот, ќе се инсталира дополнителна опрема особено во делот на автоматизација на процесот на производство на електрична енергија, како и инсталација на дополнителна опрема за оскултација и набљудување на состојбата на стабилноста и сигурноста на браните и нејзините придружни објекти.
 
Со спроведување на предвидените зафати вкупната инсталирана моќност на хидро електраните во системот на АД ЕЛЕМ ќе се зголеми за 18,31 мегавати, како и дополнително производство на електрична енергија од околу 50 гигават часови.
 
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 31,88 милиони евра, а од нив 4,78 милиони ќе бидат сопствени средства на АД ЕЛЕМ. Проектот треба да биде имплементиран до крајот на 2013 година.
 
– Оваа инвестиција е продолжување и дополнување на првата фаза на ревитализацијата на овие електрани кој се реализира во периодот 1998-2005 година, рече Чингоски и нагласи дека обезбедувањето на еколошки прифатлива енергија и финансиска рентаблиност се генерален правец во развојот на ЕЛЕМ.
 
Тој посочи дека КфВ банка станува стратешки партнер во енергетиката во Македонија, бидејќи по набавката на БТО систем за РЕК Битола, со средства од германската банка ќе се реализира ревитализацијата на електраните и изградбата на ветерната електрана кај Богданци.
 
Шефот на Регионалната кнцеларија на КфВ за Македонија и Србија Јурген Велчов истакна дека КфВ досега пласирала 200 милиони евра за водоводи, канализации и наводнување во Македонија.
 
– Денеска се отвора соработката во енергетскиот сектор што е малку невообичаена состјба за нас. Можам да кажам дека подготовката за проектот се реализира брзо, беспрекорно и на исклучително високо ниво. На ист начин верувма дека ќе се одвиваат и подготовките за ветерниот парк, рече Велчов.
 
Тој посочи дека КфВ е најголем финасиер на проекти со хидропотенцијал на Балканот и најголем финансиер во светски рамки на проекти со ветрена енергија.
Како што истакна вицепремиерот Ставрески, претставниците на КфВ изразиле и подготверност за продлабочување на соработката со Македонија преку обезбедување кредитна линија од 15 милиони евра за финансирање на микро, мали и средни претпријатија преку Македонската банка за поддршка на развојот, која за новата кредитна линија ќе обезбеди и дополнителни пет милиони евра.(МИА)