18 септември 2018 година, Скопје – Денеска зборуваме за решение кое треба да ги извлече од сиромаштија граѓаните кои се во ризик. Обврска на Владата е да посвети сериозен дел од својот Буџет токму на борба против сиромаштијата.
За воведување на реформиран систем на социјална и детска заштита во 2019 година се потребни дополнителни 2.2 милјарди денари.
Со оваа промена ќе бидеме сигурни дека нема да има гладни деца во Македонија. Целта на реформата е да има доволно за примателите на социјална помош да можат повторно да се вклопат во општеството.
Цели генерации беа изгубени во екстремна сиромаштија. За жал, кога родителите се толку сиромашни, малку веројатно е дека децата ќе излезат од тој круг.
Покрај паричната помош, можеби и поважна е мерката за повторно враќање на овие категории на граѓани на пазарот на трудот. Најпрво преку социјалните работници и АВРМ кои секојдневно ќе бараат работа заедно со овие граѓани.
За мене најважен е притисокот децата да одат секојдневно на училиште. Тоа ќе ги врати во процесот на образование и ќе им помогне да излезат од сиромаштија.
Придобивки за приватниот сектор и економијата се многукратни. Се зголемува потрошувачката, и се подобрува и збогатува пазарот на трудот. Земјите во кои имаат подобар систем на социјална заштита покажуваат одлични резултати во намалувањето на невработеноста.
Не смееме да им го вртиме грбот на нашите сограѓани на кои сме им најпотребни. Поради непостоењето на вакво соодветно системско решение, граѓаните бараа помош од вас, медиумите. Не можеме да се потпираме само на хуманоста на граѓаните, време е за системско решение на овој проблем. Им должиме подобра иднина на најранливите граѓани на Македонија.