Претседателство со Годишното собрание на
Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка
Во октомври 2007 година Заменик Претседателот на Република Македонија за економски прашања е избран за Претседавач со Генералните собранија на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд што претставува голема чест за Македонија, која како мала земја добива висока функција.
Посебен успех за Македонија е што од 1954 година, ова е прв пат земја од Холандската конституенца на која припаѓа нашата земја, да и се додели оваа значајна позиција. За време на овогодишните средби Македонија беше пофалена за резултатите од економските реформи, квалитетот на политиките и одличната соработка со двете финансиски институции.
Во однос на обврските Заменик Претседателот на Република Македонија за економски прашања има должност да претседава со годишните состаноци на пленарните седници, Заедничкиот комитет за платите на извршните директори и нивните заменици (Joint Committee on Remuneration – JCR of Executive Directors and their Alternates), Комитетот за заеднички процедури и Комитетот за процедури на МИГА (Joint Procedures Committee – JPC and the Multilateral Investment Guarantee Agency Procedures Committee).
Функцијата бара чести посети на Вашингтон и средби со Претседателот на Светската банка и Генералниот директор на ММФ, извршните директори на двете институциии, веројатно и средби со Г7 и други групации за да се подготви важниот Годишен собир на ММФ и Светска банка во октомври 2008 година.
Годишното собрание треба да ги оцени работата на ММФ и Светската банка во текот на годината што изминала и да даде правци за развој за наредната. Исто така, ги третира клучните прашања од меѓународните економски односи и финаниските проблеми. На тој начин, Заменик Претседателот на Република Македонија за економски прашања добива можност да ги промовира интересите на Македонија и на регионот, да влијае онолку колку може на одредени политики на ММФ и Светска банка и преку лични контакти да лобира и политички и економски за успешна евроатлантска интеграција на Македонија. Високиот профил што ќе го има Македонија на Собранието во 2008 година, каде што ќе присуствуваат преку пет илјади инвеститори, банкари и луѓе од приватниот сектор, овозможува да се слушне за Македонија и нашата земја на некој начин да излезе на површината, да се издвои од другите земји и да биде видена во едно поубаво светло.
Во рамките на новиот ангажман Заменик Претседателот на Република Македонија за економски прашања претседава и со некои други комитети на овие институции: Комитетот што одлучува за плати на извршните директори на ММФ и Светска банка и ги разгледува сите работи кои се во врска со платите и останатите бенефиции на извршните директори на Фондот и Банката, како и на нивните заменици и да даде извештај до Бордот на Гувернери со препораки за понатамошни активности; и Комитетот за заедничките процедури и МИГА Комитетот за процедури каде вообичаено се дискутираат прашања и формалности поврзани со активностите од годишните состаноци, како и одредени деловни работи за кои се известува Бордот на гувернери.
Претседавачот заседава со Пленарното собрание, предвидено за октомври 2008, придружуван од Претседателот на Светската банка, Директорот на ММФ и секретарите на Банката и Фондот, го отвора Годишното собрание, презентирајќи ги главните теми на дневниот ред и предизвиците со кои се соочуваат овие 2 највлијателни финансиски институции. По завршувањето на состаноците, Претседавачот дава заклучни забелешки и согледувања.
Претседавачот, заедно со Директорот на ММФ и Претседателот на Светската банка имаат чест да бидат домаќини на свечени настани и приеми за време на годишните средби.