Голем интерес кај штипјани за проектот „Купи, куќа, купи стан“. Голем број на граѓани вчера ја посетија презентацијата на проектот во Штип во рамки на Караванот Купи куќа, купи стан.
Од Министерството за финансии велат дека се задоволни од посетеноста на Караванот, кој од септември повторно тргна по градовите со цел да го доближи проектот до сите граѓани.
Во рамки на презентацијата, освен претставниците од Министерството за финансии, пред присутните свои презентации одржаа и претставници од две градежни компании кои имаат понуда на станови во Прилеп.
Исто така во рамки на презентацијата имаше претставници од сите банки кои се дел од проектот, а граѓаните имаа можност да се информираат за сите детали кои ги интересираат.
Караванот продолжува секоја наредна среда во друг град низ Македонија. Планирано е да ги посети Велес, Куманово, Тетово и Струмица, а поради голем интерес од страна на граѓаните на агендата се најдоа повторно и Охрид и Прилеп.
Според информациите од Министерството за финансии, досега над 630 семејства во Македонија го решиле станбеното прашање со овој проект, а заинтересираност имало во сите градови.
Проектот „Купи куќа, купи стан нуди неколку модели за купување на стан. Првиот модел е „половина рата“ каде што државата плаќа половина средства за ратата во првите пет години и вториот модел е „пола учество“ за кое државата плаќа 50% од учеството за купување стан. Доколку граѓанинот се одлучи за изградба или купување на куќа, тогаш државата плаќа 75% од ратата за првите пет години или дава 75% од учеството.
Граѓаните, кои сакаат да аплицираат за субвенциониран кредит, треба да ги исполнуваат следните услови: Вкупните месечни приходи на поединецот да бидат најмногу до 900 евра месечно или на брачните партнери најмногу до 1300 евра месечно; да немаат недвижен имот во нивна сопственост и да немаат подигнато друг станбен кредит.