Скопје, 21 февруари 2012 (МИА) – Да се развие организациска и концептуална стратегија за одржливост на јавната внатрешна финансиска контрола (ЈВФК), да се подобрат релациите меѓу раководството и вработените, како и меѓу различните институции, а малите општини здружено да работат и да користат заеднички персонал.
 
Ова се само некои од препораките за натамошна уште поуспешна имплементација на твининг проектот „Поддршка на процесот на фискална децентрализација преку зајакнување на капацитетите за стабилно финансиско управување и внатрешна финансиска контрола на локално и централно ниво“. Проектот треба да заврши во февруари идната година, а опфаќа 25 институции на централно ниво и 40 опшитни.
 
– ЈВФК генерално добро се спроведува. Сепак, постои простор за нејзино натамошно унапредување. Секторите и единиците се воспоставени, но начинот на кој тие треба да функционираат мора да се подобри. Мал е степенот на размена на информации меѓу внатрешната ревизија и секторите за финансиски прашања, двете клучни единици кои е неопходно добро да соработуваат, напомена Арјан Вос од Министерството за финансии на Холандија на денешната конференција по повод половина од имплементирањето на твининг проектот.
 
Вос оцени дека делегирањето на одговорност и овластувања се повеќе се развива, но се уште не е вообичаена пракса.
 
– Се трудиме да и помогнеме на македонската Влада во спроведувањето стабилен финансиски систем на управување, во зголемувањето на ефикасноста и ефективноста. Идентификувани се потребите за добро раководење за јавната внатрешна финансиска контрола. Забележуваме дека постои прогрес во оваа област, но сметаме дека реформите треба да продолжат, не само во законодавството, туку и во пракса со целосна имплементација, посочи Роберт Лидл, в.д. шеф на Делегацијата на ЕУ во Македонија, додавајќи дека потребата за ЈВФК се поврзува со правилото управување на Буџетот.
 
Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, од досега реализираните активности може да се заклучи дека проектот ги дава очекуваните резултати. Тие, пак, потврдуваат дека Македонија во оваа сфера има остварено голем прогрес, иако има простор за натамошен напредок. Станува збор за процес што не се спроведува преку ноќ, рече Ставрески, но доколку се спореди со состојбата од пред неколку години, напредокот е евидентен.
 
– Воспоставувањето јавна внатрешна финансиска контрола ја зголемува ефикасноста на користењето на јавните пари. Нејзиното функционирање е многу значајно во вакви тешки времиња кога особено доаѓа до израз потребата од домаќинско, одговорно, транспарентно и отчетно работење. Зајакнувањето на финансиската контрола подразбира примена на принципите на децентрализирана одговорност на раководствата и воспоставување независна внатрешна ревизија преку развој на финансиско управување и контрола, внатрешна ревизија и нивна хармонизација, нагласи заменик претседателот на Владата.
 
Тој информира дека во Министерството за финансии почнаа со работа Комитетот за финансиско управување и контрола и Ревизосркиот комитет. Изготвена е нацрт стратегија за развој на јавната внатрешна финансиска контрола во Македонија за периодот 2012 – 2014 година и нацрт закон за финансиска инспекција.
 
Во изминативе месеци се реализирани 11 обуки за финансиско управување и контрола со учество на преку 840 лица и шест обуки за внатрешна ревизија кои ги посетија над 140 лица. Во областа на внатрешната ревизија формирани се 129 единици во кои работат 169 ревизори и 52 раководители. мч/са/12:54
 
###

Comments are closed.