Граничниот премин Блаце ќе биде осовремен по европски стандарди. Ќе биде изградена нова административна зграда за царината, за полицијата, за фитосанитарната и ветеринарна инспекција. Ќе се изгради и објект за контрола на автобуси и патници, а коловозните ленти ќе бидат проширени.

 

ГП Блаце ќе се осовремени по европски стандарди, пропустливоста ќе се зголеми за два до три пати Ова денеска го изјави вицепремеирот и министер за финансии Зоран Ставрески на стартот на градежните работи за реконструкција на делот за лесни возила, автобуси и патници на граничниот премин Блаце.

 

Тој информира дека новиот патнички премин се очекува да ја зголеми реалната пропусна моќ на границата кон Косово за два до три пати во однос на сегашното ниво на сообраќај и оптеретување, како и да ја зголеми безбедноста и сигурноста на сите учесници во сообраќајот.

 

– Придобивките од современиот патнички премин се многубројни, не само подобрен патнички сообраќај и олеснета прекугарнична трговија, туку и зголемен пристап на македонските производи на европските пазари и подобрена конкурентност на домашната економија на тие пазари, рече Ставрески и додаде дека без поддршка на Светска банка овој проект немало да се реализира.

 

Ставрески истакна дека со 324 милиони долари размена минатата година, Косово е на листата топ десет трговски партнери на Република Македонија. – Во трговската размена, Македонија остварува најголем суфицит токму со Косово. Ако во првите пет месеци минатата година трговското салдо со Косово изнесувало 35 милиони долари, за истиот период годинава е дури четири пати поголемо и изнесува 165 милиони долари. Само овој пример ја докажува важноста на овој проект, кој ќе овозможи интензивирање на трговската размена, преку олеснување на протокот на стоки и услуги, рече Ставрески.

 

Министерот за економија Фатмир Бесими рече дека овој проект со Косово е еден од конкретните проекти, освен потпишувањето договори со оваа земја. Тој додаде дека проектот ќе значи неколкукратно зголемување на економската и трговска соработка меѓу Македонија и Косово.

 

– Косово е значен трговски и економски партнер и еден од најдобрите соседи на Република Македонија, а нашата досегашна економска и трговска соработка треба уште повеќе да се прошири, односно да се олесни комуникацијата меѓу Македонија и Косово, на граѓаните и на стопанствениците, рече Бесими.

 

Според него, ова е потврда на владината определба за проширување на нашата економска соработка, поголема трговија, пазарни принципи и поквалитетни услуги за граѓаните од двете земји.

 

Ванчо Каргов, директор на Царинската управа потсети дека преминот Блаце е воспоставен во 1992 година и оти е во лоша состојба, како за вработените така и за патниците кои го користат. – Време беше да почнеме со модернизирање и создавање правилни услови за граничниот премин Блаце и за спроведување подобра контрола од страна на Царинската управа, рече Каргов.

 

Тој додаде дека со Царинската управа од Косово имаат одлична соработка и очекуваат дека оваа градба ќе ја зацврсти соработката. Каргов изрази надеж дека наскоро ќе воспостават уште подобра соработка и на ГП Јажинце, каде на косовска страна во моментов се прават подобри можности за вршење на царинските служби.

 

Беким Имери, претставник на Светска банка во Македонија рече дека модернизацијата на граничниот премин Балце е дел од Проектот за олеснување на трговијата и транспортот Во Југоисточна Европа, проект финансиран од Светска банка, и кој почна со спроведување од 2007 година. – Целта на овој проект е да се намалат тесните грла на неколку транспортни и гранични врски во Македонија, со цел трговијата и движењето на луѓето да стане побрзо, поевтино и поедноставно, рече Имери.

 

Проектот е во износ од 1,7 милиони евра. Граничниот премин треба да добие четири сообраќајни ленти на влез наместо досегашните две и три на излез, наместо досегашните две. Блаце со реконструкцијата ќе има и современи објекти за вршење на потребните гранични и царински формалности од страна на пограничните органи. Новиот патнички премин ќе ги содржи сите неопходни содржини за нормално функционирање и контрола на патници и патнички превозни средства. Изведувач на градежните работи е ГД „Гранит“ АД. Предавањето во употреба на новоизградениот премин се очекува да се изврши во рок од 14 месеци.(МИА)

 

слики од настанот

Comments are closed.