Скопје, 14 октомври 2011 (МИА) – Градот Скопје со заем од Европската банка за обнова и развој во вредност од 5,6 милиони евра ќе го модернизира собраќајниот систем во градот и ќе се изврши реконструкција на улицата „Првомајска“.

 

Договорот денеска го потпиша градоначалникот Коце Трајановски и Лин О’Греди, заменик-директор за финансирање проекти во општинската инфраструктура од ЕБОР. На потпишувањето на договорот присуствуваше и заменик-претседателот на Владата и министер за финансии, Зоран Ставрески.

 

Од вкупната сума 2,9 милиони евра се предвидени за реконструкција на „Првомајска“ која е една од основните сообраќајни коридори во Скопје која го поврзува центарот со југоисточниот дел од градот. „Првомајска“ ќе добие четири ленти, со реконструирани тротоари, велосипедски патеки и нова сообраќајна сигнализација. Реализацијата треба да почне во февруари, доколку се одвиваат работите според планот и да завршат градежните работи за осум месеци. Тендерот, како што рече градоначалникот Трајановски, е објавен.

 

Покрај реконструкцијата на улицата, со поддршката на средствата од ЕБОР, ќе биде воведен модерен систем за управување на сообраќајот во Скопје, базиран на информациска технологија. Тој предвидува унапредувања на сообраќајот на територијата на градот со воведување адаптивна контрола на сообраќајот преку инсталација на нови контролери на околу 70 раскрсници, оптичка мрежа за поврзување на семафорските контролери, нови сообраќајни уреди, знаци со променлива содржина, камери за надзор на сообраќајот, поврзување со постојните АВЛ системи во јавниот превоз и формирање Центар за управување и контрола на сообраќајот.

 

Градоначалникот Трајановски изрази задоволство што во ЕБОР нашле сериозен партнер кој ги препозна приоритетите за кои се залагаат како локална самоуправа, која, пак, е прва во Македонија која обезбеди финансиска поддршка директно од меѓународна финансиска институција, без државна гаранција.

 

– Овој проект го поддржува Градот во неговата посветеност за подобрување на квалитетот и безбедноста во сообраќајот. Ова е прво партнерство меѓу ЕБОР и Градот Скопје кој ќе овозможи проектот да се имплементира во согласност со највисоките меѓународни стандарди, рече градоначалникот Трајановски.

 

Иимплементацијата на проектот е поддржана и со 880.000 евра техничка помош обезбедена од Банката и од Владата на Австрија. Финансирањето на ЕБОР се надоврзува на програмата на ЦИВИТАС „Renaissance“, финансирана од ЕУ со којашто се иницираше модернизацијата на сообраќајниот систем во Скопје.

 

Според заменик-директорот на тимот на ЕБОР за финансирање проекти во општинската инфраструктура, овој проект ќе биде одличен пример како директното кредитирање може да помогне на општините во унапредување на локалната инфраструктура и услуги. – Банката гледа на овој проект како придонес на напорите за да се подобри животот во градот, рече О,Греди и додаде дека ова би требало да се повтори и во другите градови во Македонија.

 

Министерот за финансии Зоран Ставрески истакна дека овој договор е доказ дека со квалитетни проекти од локалната самоуправа, а со помош на добар финансиски партнер, ефикасно се решаваат долгогодишните проблеми на граѓаните.

 

– Ова е доказ дека кога има еден агилен градоначалник и власт што знае на локално ниво кои се главните прашања што треба да ги решава и кога има добар финансиски партнер во меѓународните финансиски институции многу е лесно да се направи договор со кој практично ќе се реши еден децениски проблем во Скопје, сообраќајницата „Првомајска“, кој е значаен за граѓаните не само на Кисела Вода, туку и две други општини во близината на Скопје. За стотици илјади граѓани ќе се создадат подобри инфраструктурни услови и подобрување на квалитетот на нивниот живот, истакна министерот.

 

Значајно, според министерот, е што заемот го доби директно градот Скопје што е еден доказ повеќе за кредитната и финансиската состојба на Градот Скопје да позајмува средства кои се наменети за добри и квалитетни финансиски услови.

 

Кредитот е добиен по извонредни услови, рече министерот, со 12 години рок на отплата, три години грејс период и каматна стапка која во моментов е 5,9 отсто.

 

Comments are closed.