Како земја-кандидат за ЕУ, Македонија заедно со соседните земји треба да почне да воведува заеднички царински и гранични канцеларии во кои на едно место се наоѓаат службени лица од двете земји.Ова е мерка што ќе влијае во насока на преполовување на времето за минување на границата, но и за подобрув

Како земја-кандидат за ЕУ, Македонија заедно со соседните земји треба да почне да воведува заеднички царински и гранични канцеларии во кои на едно место се наоѓаат службени лица од двете земји.Ова е мерка што ќе влијае во насока на преполовување на времето за минување на границата, но и за подобрување на соработката со соседните земји во контролата на границите

Ефикасното и брзо минување на граничните премини е еден од најважните сегменти во меѓународната трговија. Тоа е посебно значајно за земји како Македонија, кои немаат излез на море. Според некои процени на Светската банка, трошоците за транспорт на стоките од и до Македонија се повисоки за 10 отсто во однос на најефикасните земји од регионот. Тоа влијае врз конкурентноста на македонските претпријатија, а претставува и значаен елемент во одлуките на странските инвеститори при изборот на дестинација за нивните вложувања. Според тоа, Македонија мора во најкраток рок да ги намали трошоците за премин на стоките преку граница. Тоа се однесува на времетраењето на процедурите на контрола и на ефикасноста на сите надлежни институции: Царинската управа, полицијата, ветеринарската и фитосанитарната служба, но и шпедитерите, превозниците и банките.

Царинската управа неодамна изработи студија за времето потребно за преглед на стоките при влез на камионите во Македонија. Студијата се однесува на петте главни гранични премини: Блаце, Табановце, Деве Баир, Богородица и Ќафасан, а опфатени се 5.240 транспортни средства што ја минале границата. Резултатите покажуваат дека просечното времетраење на минувањето на камионите за влез во Македонија е 104 минути. На Табановце се чекало најдолго (190 минути во просек), додека најбрзо се минува границата на Ќафасан (36 минути).

Студијата покажува дека просечното време за влез на полни камиони (кои превезуваат стока) е 149 минути, додека за камиони со акцизна стока тоа изнесува 176 минути (при што е забележан најдолг период на минување од 2.580 минути, што се должи на физичката придружба на стоките од страна на Царината и полицијата во тој конкретен случај). Времетраењето на контролата на граничната полиција изнесува во просек само 3 минути, при што најдолг период на задржување од 123 минути е забележан во случај кога била потребна споредба на тежините на транспортните средства. Просечното време на контрола од ветеринарската инспекција изнесува 36 минути, при што најдолго регистрирано чекање е 1.016 минути. Просечното време за фитосанитарна контрола изнесува 16 минути, а најдолг временски интервал кој е регистриран е 548 минути.

Во однос на организацијата на процесот и употребата на модерна технологија, анализата покажува дека Царинската управа ги применува современите светски практики и препораки за контрола врз основа на селективен ризик (што значи не се врши 100 отсто физички преглед на сите камиони, туку само на оние кај кои има повисок ризик врз основа на видот на стоката, земјата од каде што доаѓаат или висината на увозната давачка), со цел да се постигне што поголем проток на стоки при задржување на високо ниво на контрола. Студијата исто така покажува дека МВР употребува современ компјутерски систем со кој значително е подобрено времето на минување на границата, односно проверката од страна на граничната полиција не претставува никаков проблем во процесот на минување на стоката.

За разлика од тоа, студијата ги идентификува постапките на ветеринарската и фитосанитарната контрола како проблематични заради повеќе фактори: неприсутност на инспекторите на граничните премини 24 часа дневно, употреба на застарени техники на работа (100 отсто преглед на сите пратки, односно неприменливост на анализата на ризик и селективност во контролата) и неповрзаноста на овие служби со базата на податоци на царината и полицијата, што се’ заедно придонесува голем дел од камионите да бидат задржувани повеќе од еден ден на граничните премини за влез во Македонија. Тоа е и причината за големи девијации во времето на извршување на ветеринарска и фитосанитарна контрола за одделни случаи, која се должи на разликите во работното време (8-10 часа кај овие служби, за разлика од 24-часовното работно време на Царината и на полицијата), но и на разликите во начинот на контрола на пратките, степенот на автоматизација на процесот и употребата на информатичка технологија.

Резултатите од студијата упатуваат и на мерките што треба да се преземат за да се подобри ефикасноста и да се скрати времетраењето на преминот на стоките и камионите на граничните премини. Прво, веднаш треба да се воведе 24-часовно работно време за фитосанитарната и ветеринарската служба на сите гранични премини. Второ, овие служби треба да ги модернизираат своите процедури согласно со светските искуства и препораки, со воведување анализа на ризик и селективност, целосна примена на информатичка технологија и нивно поврзување со базите на податоци на Царината и полицијата. Трето, Царината во соработка со стопанските комори треба да ја прошири примената на поедноставените постапки со кои транспортерите нема да мора да изготвуваат царински декларации за внесување на стоката во царинското подрачје, бидејќи стоката ќе се пријавува само врз основа на фактура и претходно генерално одобрение од Царинската управа (во моментов само 5 отсто од вкупната размена се врши со поедноставена постапка, иако таа можност им стои на располагање на поголем број фирми).

Четврто, Царината треба целосно да го имплементира едношалтерскиот систем и контролата при едно застанување, како и воведување на систем на Е-царина. Петто, како земја-кандидат за ЕУ, Македонија заедно со соседните земји треба да почне да воведува заеднички царински и гранични канцеларии во кои на едно место се наоѓаат службени лица од двете земји. Ова е мерка што ќе влијае во насока на преполовување на времето за минување на границата, но и за подобрување на соработката со соседните земји во контролата на границите.
Зоран Ставрески

Comments are closed.