Осум илјади невработени лица ќе добијат помош за да ја подобрат својата конкуреност на пазарот на труд и да најдат работа преку проект финансиран од Европската унија. Грантот за реализација на првата фаза од овој проект е 1,3 милиони евра, а договорот денеска го потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и евроамбасадорот Ерван Фуере.

&nbsp

Проектот е наменет за најкритичните групи на пазарот на труд, односно невработени лица до 27 години, невработени жени и долгорочно невработени лица. Предвидени се посебни програми за секоја категорија. Практиканство за млади луѓе до 27 години, што би помогнало при првото вработување, обуки за општи вештини за подобрување на конкурентноста на невработените на пазарот на труд и обуки за специјални вештини, односно преквалификации за оние кои се долгорочно невработени.

&nbsp

Првата фаза ќе трае 15 месеци и ќе треба да ги подобри можностите за прво вработување на 512 млади луѓе кои го завршиле образованието, на 6.600 невработени преку обуки да им ги подобри можностите на пазарот на труд, а 820 лица кои се повеќе години невработени да бидат преквалификувани. Ќе бидат опфатени невработени лица од сите региони во Македонија. Заинтересираните корисници ќе може да се јават на јавен оглас. Проектот ќе се спроведува Агенцијата за вработување.

&nbsp

Според министерот за финансии, со проектот на овие лица ќе им се даде нова можност, преку обуки и практикантство да станат конкурентни на пазарот на труд.

&nbsp

Во Република Македонија, како што рече Ставрески, според последните податоци на Државниот завод за статистика има близу 290.000 невработени лица. Дури 35 отсто од нив имаат најмногу основно образование. Речиси 37 отсто од невработените во земјава се на возраст до 29 години, а приближно 64 отсто од невработените бараат работа повеќе од четири години.

&nbsp

– Овие луѓе не се статистика – сите тие имаат различни судбини, со различни проблеми кои треба одделно да се решаваат. Токму тоа е и намерата на овој проект на секого да му го овозможи она што му е потребно за во иднина да може да придонесува за себе и за општеството, истакна министерот за финансии.

&nbsp

За наредната година, посочи Ставрески, предвидени се допонителни 2,3 милиони евра со што се очекува да се зголеми бројот на корисниците на пазарите за вработување, како и да се донесат нови мерки и политики за вработување.

&nbsp

Овој грант е прв што Европската комисија го доделува во ИПА компонентата за развој на човечки ресурси. Средствата се дел од оперативната програма за развој на човечки ресурси 2007-2012 година, во износ од 39 милиони евра кои се веќе распределени.

&nbsp

Поддршка, како што рече на денешното потпишување директорот во Генералниот директорат на Европската комисија за социјални работи и еднакви можности Андријана Шукова – Тошева, добиваат 10 милиони европејци, а сега ваква поддршка добива и Македонија.

&nbsp

– Договорот што го потпишуваме денеска е конкретен резултат на нашата посветеност да и помогнеме на земјата и на оние на кои им е најпотребно, рече Шукова-Тошева додавајќи дека иако од една страна меѓународните институции оценуваат дека економската стабилност на макро ниво се одржува, реалноста покажува дека се зголемува бројот на луѓе кои живеат во сиромаштија.

&nbsp

Според неа, од суштествена важност е овој проект да биде успешна приказна. Тоа, како што рече, ќе овозможи ЕУ да продолжи да ја финансира оваа иницијатива во наредните години, а финансиската помош од 8 милиони евра е веќе распределена.

&nbsp

– Исто така, тоа ќе покаже дека земјата постигнала значаен чекор во развојот на здрави капацитети за спроведување на една од главните форми на помош што ги користи ЕУ.(МИА)

Comments are closed.