Скопје, 27 декември 2012 (МИА) – Министерството за финансии им додели грант на град Скопје во износ од 9,11 милиони денари и на општина Кочани, во износ од 3,67 милиони денари за подобрување на општинските услуги.

Градот Скопје, како што соопшти Министерството за финансии, со доделениот грант ќе набави две специјални комунални возила – Автоцистерни за машинско и рачно миење јавни сообраќајни површини со капацитет од 7 метри квадратни. За одржување, односно миење на јавните и сообраќајни површини јавното претпријатие располага со 12 специјални комунални возила – автоцистерни, кои се со просечна старост од над 20 години и се целосно амортизирани. Замената на застарениот возен парк на претпријатието значително ќе ја подобри јавната чистота на подрачјето на Град Скопје, ќе придонесе кон поефикасно извршување на дејноста и зголемување на задоволството на жителите на град Скопје, соопштува Министерството.

Општина Кочани, со обезбедените средства, ќе изврши изградба на улицата „Крум Вранински“. Улицата е лоцирана во урбаниот дел на градот Кочани и е главна улица во населеното место Усова чешма во кое живеат околу 480 жители во 300 домаќинства. Четири илјади жители на ова населено место повеќе од 30 години користат неасфалтирана улица што значително го отежнува нивното сообраќајно поврзување со градот.

Финансиите се дел од „Проектот за подобрување на општински услуги“ со кој Владата на Република Македонија од Светска банка обезбеди 50 милиони долари за помош на општините. Досега во рамки на проектот се склучени 29 договори со 29 општини.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.