9 февруари 2018, Скопје – Со проектот за зајакнување на општинските совети во следните три години на 24 македонски општини ќе им бидат доделени грант средства во износ од 1,2 милиони швајцарски франци од Швајцарската амбасада  за проекти од областа на социјалната заштита, родовата еднаквост и транспарентноста во работата на општините.

Проектот кој се реализира со поддршка на УНДП има за цел и да придонесе кон промена на начинот на работење на општините, преку зајакнување на комуникацијата меѓу членовите на советот и граѓаните.

На конференцијата организирана за проектот свое обраќање имаше министерот за финансии д-р Драган Тевдовски, како и министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, амбасадорката на Швајцарија во Македонија Сибил Сутер Техада и постојаниот координатор на Обединетите нации и постојан претставник на УНДП во Македонија Луиза Винтон.

Во продолжение е обраќањето на министерот за финансии Тевдовски:

Ќе ја искористам оваа прилика за да им се заблагодарам на Швајцарската амбасада во Македонија и УНДП за поддршката која ја даваат на македонските општини преку овој проект. Грант средствата во вкупен износ од 1,2 милиони швајцарски франци и know how поддршката, во текот на следните три години ќе придонесат за подобрување на услугите на 24 општини во земјава преку проекти од областа на социјалната заштита, родовата еднаквост и транспарентноста во работата на општините.

Дополнително, она што е исклучително важно за овој проект е што има за цел да придонесе кон промена на начинот на работење на општините. Имено, преку зајакнување на комуникацијата меѓу членовите на советот и граѓаните, потребите и проблемите во општината ќе бидат појасни и повидливи. Ова значително ќе придонесе во подобрување на работата и навремено и соодветно решавање на проблемите.

Во оваа пригода би истакнал  две цели клучни за работата и на централната и на локалната власт: прво, зголемување на квалитетот на живот на граѓаните и второ транспарентност и отчетност за работата.

Во однос на првата цел – обезбедување на поквалитетни услуги за граѓаните, преку успешно извршување на доверените надлежности, задоволство ми е да истакнам дека во Буџетот оваа година предвидени се значително повеќе средства за општините и за регионалниот развој. Oпштините ќе имаат поголеми можности поквалитетно да ги извршуваат своите надлежности, но и да започнат постепено да го намалуваат износот на неплатени долгови од минатото.

Покрај ова, општините имаат пристап до капитал за унапредување на услугите и инфраструктурата и преку одделни проекти, како Проектот за подобрување на општинските услуги – МСИП во вредност од 81,1 милион евра и ЕУ ИПА грантот за рурален развој во износ од 14,6 милиони евра. Овие два проекти ги спроведува Министерството за финансии и се наменети за финансирање на капитални инвестиции како локална и патна инфраструктура, проекти за водоснабдување, изградба на јавни објекти како училишта, детски градинки, пазари и др.

Во однос на втората цел – транспарентноста, би истакнал дека од најголема важност е да се изгради однос на доверба со граѓаните. Владата и Министерството за финансии преземаа повеќе чекори во таа насока. Почнавме квартално да ги објавуваме извештаите за извршување на буџетите на општините, се објавуваат договорите за јавни набавки, а ги објавивме и заостанатите обврски. Во овој контекст, ќе истакнам дека деновиве во владина процедура ќе влезе и Законот за пријавување и евиденција на обврски. Овој закон ќе овозможи обезбедување на транспарентноста и јакнење на одговорноста при располагање со јавни средства преку целокупно евидентирање на преземени, доспеани и неплатени обврски во соодветен електронски систем од страна на органите на државната власт, јавните установите и институциите, но и единиците на локалната самоуправа. Така ќе имаме целосен увид во заостанатите обврски од сите овие субјекти, што е основен предуслов за систематско спречување на повторување на овој проблем во иднина.

Во насока на градење на транспарентен однос, ќе ги повикам и локалните власти од своја страна да придонесат кон подобрување на информирањето и достапноста на податоци за јавноста. Токму овој проект нуди поддршка во таа насока и претставува добра шанса за унапредување на работата на локалните власти.

На крајот би сакал да ви посакам успешна работа, успешно планирање и имплементирање на проектите.

Благодарам.

 

 

 

Comments are closed.