Скопје, 28 април 2013 (МИА) – Премиерот Никола Груевски ги повика аргентинските компании да ја посетат Македонија и изворно да се запознаат со поволностите што нашата земја ги нуди на странските инвеститори. Економскиот тим предводен од премиерот поволностите за инвестирање во Македонија ги претстави во Буенос Аирес пред компании од областа на транспортната инфраструктура, енергетиката, туризмот, земјоделството, осигурувањето.

 

– Вие можете да остварите посета на Македонија, и не од нас, туку од странските инвеститори кои се веќе лоцирани и работат во мојата земја, да побарате информации околу поволностите кои ги нудиме за водењето бизнис. На ова ќе го надоврзам и фактот што некои од нив покрај еден отворен капацитет веќе отвораат и втор капацитет во Македонија, а тоа е најдобар доказ дека ја имаат нашата поддршка, истакна премиерот Груевски на Форумот на кој беа претставени можностите за инвестирање во Македонија, а кој беше организиран од Индустриската унија на Аргентина, која е најмоќната и најголема аргентинска еснафска организација од областа на бизнисот, во чие членство се наоѓаат претставници на сите индустриски и економски гранки, и чии членки се и големи мултинационални компании.

 

Според премиерот само преку вакви контакти и посети компаниите може да се информираат за поволностите за правење бизнис во Македонија. – Оној момент кога тие ќе одлучат да прават некој капацитет во Европа, преку укажувањата на поволностите за инвестирање, да знаат дека Македонија е најдобрата дестинација за правење бизнис и од аспект на најниски трошоци и од аспект на тоа дека има слободен пазар со сите европски држави и од аспект дека има стабилна макроекономија и дека е една од највисоко рангираните држави според Светската банка во однос на добрата бизнис клима и повеќе други аспекти. Така што без контакти, без доаѓање, без информатирање, таа информација тешко ќе се прошири и на ваков начин мислам дека најдобро се проширува и порано или подоцна дел од овие компании доаѓаат се интересираат и се јавуваа, изјави премиерот Груевски.

 

Тој се осврна и кон инвестициите во образованието, истакнувајќи дека Владата двојно го зголеми обемот на средства кои се инвестираат во образованието во насока на креирање кадар кој ќе ги поседува потребните вештини и знаења за квалитетно извршување на работните задачи. – Таквиот кадар, потенцира, е гаранција за успех на вашите компании.

 

Претседателот на Индустриската унија на Аргентина Хозе Игнацио де Мендигурен, позитивно ги оцени можностите за инвестирање во Македонија што беа претставени на Форумот и истакна дека Унијата ќе лобира и ќе ги проследува кон нивните членки во насока да ги мотивира да ги разгледаат како добра бизнис можност.

 

Вицепремиерот Ставрески посочи дека стабилната валута, ликвидниот и солвентен банкарски систем, ниската инфлација и ниското ниво на задолженост кои се македонски макроекономски индикатори, нудат добро бизнис опкружување, а поддршката која Владата ја дава со својата услужна ориентираност ќе е од значење на потенцијалните инвеститори.

 

Министерот Веле Самак ги презентираше компаративните предности што ги нуди Република Македонија на странските инвеститори истакнувајќи дека со постоечките реформи и со индикаторите на економијата се овозможува значително пониска цена на влезните инпути во производството со што се зголемува неговата исплатливост.

 

Директорот на Агенцијата за привлекување странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида претстави повеќе конкретни проекти кои би можеле да претставуваат предмет на интерес на аргентинските мултинационални компании за реализација на инвестиции на полето на туризмот, инфраструктурата и енергетиката.

 

Comments are closed.

Close Search Window