Скопје, 19 јули 2012 (МИА) – Владата на земјоделците, за само 30 дена, во екот на најголемата должничка криза, им исплати 63 милиони евра. Од 15 јуни до 15 јули овие средства на нивните сметки легнаа директно од Буџетот, како никогаш порано, како никогаш претходно, соопшти денеска премиерот Никола Груевски на прес-конференција во Владата.
Груевски напомена дека предвреме на сметките на 27.000 тутунари се исплатени речиси 20 милиони евра.
– Тоа е просекот што го реализираме секоја година, за разлика од порано кога за овој сектор немаше никаква поддршка, истакна премиерот.
Настојувањето на Владата за поддршка и развој на земјоделството како една од носечките стопански гранки, се гледа, нагласи Груевски, и по заложбата во никој случај да не се отстапи, одложи или намали исплатата на поддршката особено во услови на најголемата должничка криза кога голем број земји од Европа и светот драстично ги кратат мерките за помош на стопанството, вклучително и аграрот.
– Кога го добивме мандатот од народот за да ги водиме процесите, во нашата програма стоеше дека силен фокус ќе дадеме на земјоделството. Останавме доследни на зборот што им го дадовме на земјоделците. Првата мерка со која настапивме беше токму воведување повисоки субвенции од тогашните 20 милиони евра. Секоја година го зголемувавме тој износ, 45 милиони, 70 милиони, 100 милиони, 115 милиони за последната година. Субвенциите се за различен број земјоделски производи, точно определени во програмата, реални се, мерливи и видливи. Со нив се придонесува во мотивирањето на земјоделците да го зголемат производството, да стопанисуваат, да влегуваат во инвестиции, да го прошируваат обемот на обработена земја, да ги задоволат своите потреби и интереси, рече Груевски.
Македонскиот аграр, подвлече, има потенцијал, но и вредни, упорни земјоделци кои со поткрепа на владините мерки се прилагодуваат на европските и светските трендови.
Оваа Влада ги разбира потешкотиите на земјоделците што се резултат на претходно спроведената јалова приватизација на носечките капацитети во овој сектор.
– Го разбираме и нивниот напор за подобрување на конкурентноста и пласманот на произведеното на домашниот и пребирливите странски пазари. Разбирањето значи и помош, континуирана поддршка која ние сме подготвени да им ја дадеме на земјоделците. Ние постојано ги следиме состојбите. Активно сме вклучени во привлекувањето инвеститори за откуп и преработка на земјоделските производи. Обезбедивме пристап до средствата од ИПАРД и најповолни каматни стапки од само три отсто преку кредитните линии кои ги нуди Македонската банка за поддршка на развојот, кофинансираме набавка на земјоделска механизација, трактори, комбајни, приколки, на земјоделска опрема, системи капка по капка, прскалки, косилки… во висина од 50 отсто од вкупната цена на механизацијата или опремата, рече Груевски.
Досега се распределени над 40.000 хектари обработливо земјоделско земјиште, а претстои распределба на уште 20.000 хектари, редовно се чистат земјоделските канали за наводнување и одводнување. Само оваа година е предвидено чистење на 70 километри канали. Дополнително се спроведуваат уште над 150 мерки и активности за поддршка на земјоделството.
Премиерот, покрај финансиска поддршка на производството преку субвенциите, најави силна и посветена работа на обезбедување пласман за македонските земјоделски производи, нивна промоција на странските пазари и поддршка при извозот.
Како што рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, Македонија никогаш немала поголема поддршка за земјоделците од сега, никогаш досега во историјата на оваа земја не се одвојувале толку значајни средства за земјоделството.
– Ќе продолжиме секоја наредна година со уште позасилена динамика, бидејќи Македонија е аграрна земја и голем дел од нашите граѓани лебот го вадат токму преку земјоделството. Преку субвенциите го стимулираме производството на производи со препознатлив висок квалитет и извозен потенцијал, тутун, лозарство, зеленчук и овошје, овчарство, козарство и органско производство, но и производи со пониска продуктивност кои се важни за обезбедување основна храна за населението како житните култури и кравјото млеко. На овој начин сакаме да создадеме услови за зголемување на извозот, но и намалување на увозот на дефицитарните прехранбени производи, стимулирајќи го домашното производство, нагласи Ставрески.
Ако се земе предвид дека во 2006 година извозот на земјоделски и прехранбени производи изнесувал 240 милиони евра, во 2010 година 424 милиони евра, лани 468,6 милиони евра, а во 2012 се очекува да надмине 500 милиони евра, ефектите од субвенциите, потенцира министерот, се повеќе од видливи.
– Од почетокот на годината досега се исплатени 33,2 милиони евра за растително производство од кои само за поддршка на лозарството се исплатени над 12 милиони евра, за обработлива земјоделска површина за поледелски култури 9,7 милиони евра, за овоштарство 5,2 милиони евра… За сточарско производство исплативме вкупно 25,5 милиони евра годинава, од кои за говедарството 7,3 милиони евра, за производство на кравјо, овчо и козјо млеко 3,5 милиони евра, за поддршка на свињарството и за поддршка на живинарството по 2 милиони евра, за пчеларство 1,6 милиони евра, информира Ставрески.
Милион евра се исплатени за поддршка на органско производство, а префрлени се и речиси половина милион евра за помош за премии за осигурување, за помош за заштита на земјоделско земјиште, за техничка поддршка во земјоделството и помош на сточарскиот сектор.
Според ресорниот министер Љупчо Димовски, Владата на Република Македонија во 2006 година го зацрта земјоделството како еден од приоритетните сектори. Секоја година континуирано се дополнуваат мерките и се зголемуваат субвенциите. Тој истакна дека резултатите од тоа се видливи, евидентно е зголемено производството, а драстично зголемување бележи и извозот.