Скопје, 27 јули 2012 (МИА) – Резултат на нашите напори и ангажман на кадар и ресурси се над 380 целосно завршени проекти и над 470 отпочнати во периодот од 28 јули 2011 година до 20 јули 2012 година, рече премиерот Никола Груевски во обраќањето по повод една година од изборот на оваа Влада.

 

Тоа, нагласи, се резултати од исполнувањето владината програма и дадените ветувања, чие исполнување останува императив од кој нема да се отстапи. Секој граѓанин, посочи, се пронаоѓа во еден или повеќе од овие проекти. Тие, додаде, имаат корист која се рефлектира во повеќе правци и се значајни за народот.

 

– И во ова време на продолжена светска економска криза и најголем обем на европската должничка криза, кои сами по себе оставија и ефекти и влијанија врз домашните состојби, успеавме да обезбедиме стабилност и да помогнеме да поминеме со помали лузни во однос на другите држави. Немаше зголемување на даноци, ниту, пак, намалување на плати, или пензии или социјална помош или земјоделски субвенции, иако тоа некои го бараа, туку напротив продолживме со намалување на даноците. Не дозволивме девалвација на денарот или пак дисторзија во финансискиот систем на земјата. Немаше масовни отпуштања од компаниите и не се одзеде ниту едно стекнато право на граѓаните, рече премиерот Груевски.

 

Тој додаде дека од Светската банка Македонија беше прогласена за најдобар трет реформатор и е на 22 место во светот за водење бизнис, дека во 2011 година имаше седми најголем раст на БДП во Европа, а државата има еден од најниските долгови од 26,8 отсто од БДП.

 

Покрај проектите кои се почнати и кои се дел од владината програма, премиерот потенцира дека Владата во овој период спроведе и проекти што не беа предвидени во неа, но, како што рече, во дадени моменти се создала потреба или можност тие да се реализираат или пак се ценело дека со преземениот таков чекор ќе се оствари корист за граѓаните, за компаниите и за државата во целост.

 

Тој во отчетот ги наброја проектите што се преземени во економијата, судството, надворешната политика, администрацијата, земјоделството, здравството.

 

Подвлекувајќи дека ова е прва Влада во Македонија која дава прецизен отчет пред граѓаните се осврна на дел од сработените проекти како обезбедената нова кредитна линија од Европската инвестициска банка во износ од 100 милиони евра за поддршка на стопанството, што заедно со досега обезбедените 150 милиони евра во првите две фази значи поддршка од 250 милиони евра, поддршка од 10,7 милиони евра за малите и средните претпријатија кои се занимаваат со откуп, преработка и извоз на земјоделски производи, континуираното реализирање на проектот „Купи куќа, купи стан“, укинувањето на ДДВ за малите и микро претпријатија.

 

Намалена е, рече, и цената за приватизација на земјиштето за фирмите од 1 до 5 евра по квадратен метар, обезбедени се и инвестирани средства во износ од 18,6 милиони евра за реализација на проектот “Главен транспортен систем од ПК Брод Гнеотино до Суводол, обезбедени се и 65 милиони евра за реализација на проектот „ХЕ Бошков Мост“ – при што изградбата ќе започне во 2012 година, 3 милиони долари за подготвителни работи за отпочнување со реализација на проектот „Брана Луково Поле и Корабски Довод“ – во 2012 година, 27 милиони евра за реализација на проектот „Ревитализација на шесте постојни големи хидроелектрани (ИИ Фаза) – Шпилје, Глобочица, Тиквеш, Вруток, Врбен и Равен“, 33 милиони евра за реализација на проектот „Ветерна фарма Богданци“, како и 49 милиони евра за модернизација во РЕК Битола.

 

– Потпишан е Меморандум за соработка за гасификација помеѓу Република Македонија и руската компанија “Стројтранс гас“ која ќе ја гради приоритетната делница Клечовце-Штип-Неготино, како прв чекор кон изградба на национална гасоводна мрежа во земјава. Направено е вклучување на Република Македонија во „Јужен Тек“, со што се решава стратешко прашање за долгорочна енергетска стабилност на државата, подвлече премиерот Груевски.

Тој укажа и дека е завршена денационализацијата во првостепена постапка, обезбедени се средства од 37,2 милиони евра за финансирање на втората фаза за подобрување на перформансите на општините, како и 10,25 милиони евра за реализација на проектот „Наводнување на јужната долина на реката Вардар“.

 

Во делот на инвестициите премиерот посочи дека повеќе компании донесоа одлука за инвестирање во Македонија, а некои веќе и почнаа да градат капацитети и тоа британската „Џонсон Мети“, втора фабрика во вредност од 60 милиони евра и над 100 нови работни места, „Кемет електроникс“ со 25 милиони евра и 500 нови работни места, американската Џонсон Контролс, втора фабрика, 20 милиони евра и 1.427 нови работни места, германската „Кромберт и Шуберт“ од 20 милиони евра и до 2.500 нови работни места, „Дрексел Мајер“ од Германија со 4.000 нови работни места.

 

Тој ги наведе и инвестициите на „Агрокор“- Хрватска од 20 милиони евра и отворање 300 нови работни места, „Мадерсон груп“ од Индија со 12 милиони евра инвестиција и 160 нови работни места, „Алајанс Уан“ – САД, 10 милиони евра инвестиција и 150 нови работни места, „Текнохозе“ – Италија со 10 милиони евра и 150 нови работни места, „Еуроиталија“ – Италија, 10 милиони евра и 200 нови работни места, „Протек груп“ – Русија со 5 милиони евра и 150 нови работни места, „Еинфлоу“ – Швајцарија со 5 милиони евра и 100 нови работни места, „Стил кон“ – Холандија со 3,5 милиони евра, 100 нови работни места, „Ван Хул“, Белгија со 20 милиони евра и 500 нови работни места и „Еуромакс“, која ќе отвори рудник за злато во Иловица и 500 нови работни места.

 

Во делот на инфраструктурата како постигнување го посочи реновирањето и доизградбата на аеродромите во Скопје и Охрид, патната делница од Коридорот 10 Табановце – Куманово, комплетирањето на „Национална арена Филип Втори” и завршувањето на 71 локален пат.

 

Во областа на земјоделството, рече, целосно се исплатени 115 милиони евра од програмата за субвенции за 2011 година, и предвреме се исплатени 20 милиони евра, од вкупно 130 милиони евра од програмата за субвенции за 2012 година.

 

Од областа на трудот и социјалната политика ги спомена поддршката на пензионерите, на децата без родители и проектите за самовработување.

Изградбата и пуштањето во употреба на главен транспортен систем за јаглен од рудникот Брод Гнеотино до рудникот Суводол, како и целосното завршување на изградбата на ХЕ „Света Петка“, која ќе биде пуштена следната недела, ги посочи меѓу проектите во енергетиката.

 

Во делот на културата ги наведе изградбата на Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим, на „Порта Македонија“, проектот „Превод на 130 тома македонска книжевност на англиски јазик“, како и изградбата на Стариот театар во Скопје и на Археолошки музеј покрај кејот на Вардар, кои се во завршна фаза.

 

– Работевме многу, работевме посветено. Имавме и грешки. Ние сме свесни за тоа, но наша карактеристика е грешките да ги исправаме и да учиме од нив. Верувам дека тоа го правиме не дозволувајќи да се направат крупни и стратешки грешки и верувајќи во нашите исправни намери и цели. Детектирани се и анализирани некои предизвици. Во работењето во наредниот период очекувам посебно да се насочиме во справување со нив, рече тој.

Владата, додаде, ја чека уште многу работа и многу проекти.

 

– Јас сум убеден дека на крај сите заедно со граѓаните на нашата држава – заедно Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Власите, Бошнаците и останатите со цела наша генерација ќе бидеме горди на тоа што сме го оствариле зад нас, за решените проблеми и за оние кои што во иднина ќе ги решаваме, за направените проекти и за оние коишто во иднина ќе ги спроведуваме за нас и нашите идни поколенија, рече премиерот Груевски и најави дека отчетот во неговата интегрална форма ќе биде објавен на веб страницата на Владата, како и во дневниот печат за да можат граѓаните да се информираат за сработеното на Владата.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.