Штип, 21 февруари 2014 (МИА) – Почна изградбата на првиот автопат во Источна Македонија. Кај местото „Три чешми“ денес беше поставен камен-темелник на нова автопатска делница Миладиновци-Свети Николе-Штип, во должина од 47 километри, во присуство на премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Владимир Пешевски, министри, амбасадори, градоначалници…

– Денес е историски ден за Источна Македонија. Проектот за кој долго се зборуваше почна со реализација, денес почнуваме да го градиме, овде во Штип, по изградбата на универзитетот „Гоце Делчев“ и ТИР зоната, а кога ВМРО ветува така е. 21 февруари 2014 година ќе остане забележан како датум кога почна да се гради првиот автопат во Источна Македонија, рече Груевски.

Владата, потсети, почна со реализација на проектот уште од 2007 година со донесување на потребната документација и барање концесионер, но, како што рече, по неколку потрошени години, во 2012 година почнаа преговорите со кинеската Влада за добивање доста поволен кредит за изградба на автопатот Миладиновци-Штип.

– Согласно договорот, градежните работи кои ќе ги изведуваат македонските компании на оваа делница е минимум 49 проценти, а вкупниот број македонски градежни работници коишто ќе се ангажираат од страна на изведувачите и подизведувачите е најмалку 51 процент од вкупниот број, наведе Груевски, истакнувајќи дека проектот се реализира со кредит во износ од 206 милиони евра, земен по доста поволни услови, рок на исплата 20 години, 5 години грејс период и 2 процента камата.

Според вицепремиерот Владимир Пешевски, новиот автопат има големо економско значење за целата држава. Автопатот ќе овозможи брза комуникација и транспорт на производите од источна Македонија, како и развој на туризмот во источниот дел на земјава, нагласи Пешевски.

Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески истакна дека првиот автопат во Источна Македонија со должина од 47 километри ќе го поврзе тој дел од државата со главниот град.

– На страницата број 65 во изборната програма на ВМРО ДПМНЕ 2011-2015 година стои ветувањето за изградба на автопат од Скопје до Штип, по траса на потег од Миладиновци преку Свети Николе до Штип, што претставува целосно ново решение за поврзување на источниот дел од државата со главниот град. Патот ќе биде со ширина од 27 километри, две коловозни ленти и една помошна лента за запирање, наведе Јанакиески.

Новата автопатска делница ќе ја гради кинеската компанија „Сајнохидро корпорејшн лимитед“, со која Владата потпиша договор минатата година во декември.

Според амбасадорот на Народна Република Кина, Чуи Џивеј, со реализацијата на проектот граѓаните во Источна Македонија ќе добијат модерен и квалитетен автопат.

Претставникот на „Сајнохидро корпорејшн лимитед “ Зенг Ксингилианг, пак, нагласи дека како градежна компанија им е дадена одговорна задача.

– Јас би сакал овој проект да биде успешно изведен и да добиете модерен автопат. Сајнохидро ќе вложи максимални напори во реализацијата на проектот, рече Ксингилианг.

Директорот на ЈП за државни патишта, Љупчо Георгиевски сумираше дека од 2012 година е почната изградбата на автопат во должина од 132 километри низ целата земја. Тоа, посочи, значи дека во наредните четири години земјава ќе добие 50 проценти зголемување на автопатската мрежа.

– Должината на оваа делница ќе изнесува 47 километри и ширина од 27,4 метри. Што подразбира две коловозни ленти со вкупна широчина на секоја од нив по 10,7 метри и зелен појас помеѓу нив од шест метри. На делницата ќе бидат изградени седум клучки, кои ќе имаат функција влез и излез од автопатот кон градовите и населените места. Автопатската делница ќе вклучува и осум надпатници, пет подпатници, армиран бетонски мост со должина од 154 метри, а ќе бидат изградени и пет вијадукти со вкупна должина од 718 метри, информира Георгиевски.

Comments are closed.