23 април 2020, Скопје – Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) обезбеди значајна поддршка преку Инструментот за брзо финансирање, во износ од околу 176 милиони евра, а и понатаму, во рамки на можностите, ќе дава поддршка за што посоодветно да се одговори на предизвиците и што побрзо да дојде до опоравување на македонската економија. Економските фундаменти се здрави, а преземените мерки се соодветни и ќе придонесат економијата да се справи со шокот од пандемијата на ковид-19.
Ова се дел од пораките од состанокот на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии, Нина Ангеловска, со директорот на Одделот за Европа во ММФ, Пол Томсен, во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светска банка, коишто годинава се одржуваат електронски.
Како што беше истакнато на состанокот, состојбата со коронавирусот, оваа година ќе резултира со пад на активноста на сите економии во глобални рамки. Тоа веќе јасно го покажуваат и проекциите на ММФ. Но падот на македонската економија и воопшто на економиите во развој ќе биде помал во споредба со она што се очекува кај развиените економии. Ако во глобални рамки кризата предизвикана од коронавирусот стивне до средината на годинава, веќе следната година ќе има опоравување на македонската економија и забрзување на нејзиниот раст.
Во текот на вчерашниот ден, гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии, Ангеловска, учествуваа и на состанокот на Конституенцата на ММФ и Светска банка во којашто членува нашата земја. Дискусијата беше фокусирана на предизвиците со коишто се соочуваат земјите од Конституенцата, при што посебен акцент беше ставен на нашиот регион.
ММФ и во следниот период ќе ги следи случувањата во македонската економија и ќе биде во постојана комуникација со Народната банка и со Министерството за финансии.