Постепеното пренесување на надлежностите на локалната самоуправа и зголемувањето на ресурсите за нивно ефективно извршување ќе ги подобрат јавните услуги кои им ги нудат општините на граѓаните и на фирмите, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на отворањето на денешната тркалезна маса „Патоказ кон оставување систем за финансирање еднакви услуги за сите граѓани – следни чекори“.

&nbsp

Најголем број од македонските општини – 74 од постоечките 84, се влезени во втората фаза на фискална децентрализација и ги исполнија условите за финансирање со блок дотации.

&nbsp

Во текот на годинава, најави Ставерски, за општините кои се уште не се влезени во втората фаза Владата ќе продолжи со конкретни активности за подигнување на нивниот административен и фискален капацитет и тие да можат да ги користат блок дотациите.

&nbsp

Вицепремиерот потсети на мерките што беа преземени во текот на минатата и од почетокот на оваа година за зголемување на сопствените приходи на општините. Ги наведе распределбата на приходите од продажба на градежно земјиште и од концесии на минерални сурови во корист на општините, како и дополнителниот приход од еколошката такса.

&nbsp

– Со измената на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа на почетокот на годинава е зголемен процентот на приходите од данокот на додадена вредност од 3 на 4,5 проценти и тој ќе се реализира етапно до 2013 година, што ќе влиаје на порастот на буџетот на општините во оваа и во наредните години, рече Ставрески.

&nbsp

Министерот за локална самоуправа Муса Џафери смета дека е потребен систем кој ќе обезбеди поголема финансиска одржливост и независност на општините, а од друга страна нема да ги загрози функциите на национално ниво.

&nbsp

– Оптимумот е веројатно во точката во која граѓаните ќе покажат задоволство од услугите што ги добиваат. Многу е тешко во услови на ограничени финансиски ресурси да се одговори соодветно на сите потреби. Затоа како што сугерираат и експертите, најпрво треба да се воспостават минимум стандарди, врз основа на кои ќе се определни цената на чинење на одредена услуга. Во тие услови фискалниот капацитет на општината ќе покаже дали и се потребни дополнителни средства од централниот буџет или пак стандардот може да го достигне сама, рече Џафери.

&nbsp

Според него, веројатно на повеќето општини и во иднина ќе им биде потребна сериозна финансиска поддршка, како наменски дотации за одредени обалсти или пак како општ грант. – Тоа е прашање на концепт и на експертска проценка. Но дефинитивно е време да се напушти системот со којшто наменските и блок дотациите ги условува со постоење на соодветна установа на локално ниво, посочи министерот Џафери.

&nbsp

Тркалезната маса „Патоказ кон оставување систем за финансирање еднакви услуги за сите граѓани – следни чекори“ е во организација на Министерството за фианнсии и Канцеларијата на Програмата за развој при ОН во Скопје.(МИА)

Comments are closed.