Скопје, 4 декември 2012 (МИА) – Финансискиот сектор останува стабилен. Депозитите се во постојан пораст. Кредитирањето ќе продолжи, а можно е да се очекува и намалување на каматните стапки.

 

Ова го истакнаа учесниците на денешната тркалезна маса на тема „Актуелни состојби во финансискиот сектор и нивното влијание врз развојот на економијата“ организирана во рамки на Финекспо 2012.

 

– Состојбата во финансискиот сектор е стабилна. Имаме стабилни движења и немаме посебна згриженост. Трендовите се забавени, има помал пораст на финансискиот сектор, но тоа е врзано и со забавената економска активност и неизвесноста во окружување и застојот во ЕУ, истакна гувернерот на НБРМ Димитар Богов.

 

Тој потенцира дека НБРМ, покрај остварувањето на основните цели на централната банка, ја поддржуваат и македонската економија, што се прави преку девизните резерви кои се стабилни последните две години, нискиот дефицит во платниот биланс под три проценти во три последователни години, како и преку ниската референтна каматна стапка од 3,75 проценти, кое е на ниво да обезбеди поголема побарувачка на денари, отколку на девизи.

 

Богов посочи дека со последната мерка на НБРМ, која предвидува намалување на задолжителната резерва за кредити за нето извозниците и за енергетски проекти, има 1.800 компании кои ќе може да добијат средства со пониски трошоци, како и да се поддржат 100 проекти од енергетиката.

 

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески очекува финансискиот сектор и во иднина да остане стабилен и да испорачува максимално ниво на кредити во реалниот сектор.

 

– Без финансирање на реалниот сектор банките би имале уште помала профитабилност што ќе се одрази долгорочно врз нивното работење. Стапката на кредитната активност во Македонија е задоволителна во вакви услови во Европа, истакна Ставрески додавајќи дека државата ќе продолжи со поддршката преку одржување низок јавен долг, носење свеж капитал од надвор, како што се обезбедувњето 250 милиони евра со гаранција од Светската банка и кредитната линија од 100 милиони евра од Европската инвестициска банка.

 

Тој потенцира дека ова може да остави и простор за намалување на каматната стапка на државните записи. – Извесен простор има и следната година може да се направи анализа за намалување на каматните стапки на државните записи, рече Ставрески.

 

Посочувајќи на позитивните трендови во финансискиот сектор кои се однесуваат на постојаниот раст на депозитите, министерот Ставрески рече дека има и негативни појави како што е притисокот од матичните банки кон домашните банки за да го намалат кредитирањето кон компаниите што, според него, не е оправдано. Најави дека заеднички ќе се направат напори тоа да не се случува.

 

Претседателот на Здружението на банкари и генерален директор на НЛБ Тутунска Банка Ѓорѓи Јанчоски истакна дека кризата во реалниот сектор, која е резултат на притисокот од надвор, се одрази и на банкарскиот сектор преку зголемувње на нефункционалните кредити кои се зголемија за 19 проценти. Нефункционалните кредити, како што додаде, се 11 проценти од вкупното кредитно портфолио на банкарскикот сектор, ниво кое е толерантно со оглед на тоа што во окружувањето тоа е повисоко, па во Србија изнесува 20 проценти, Црна Гора 18,5 проценти, Словенија 13,2…

 

Тој потенцира дека банките ќе продолжат со своите активности. Кредитирањето има помала стапка на раст во однос на претходните години и изнесува 4,8 проценти. Од почетокот на годината салдото на кредити е зголемено за 163 милиони, од кои 84 милиони евра се пласирани во населението, а 79 милиони кај фирмите.

 

Депозитите, како што истакна, се зголемени за 118 милиони евра, што главно се должи на порастот на штедните влогови на населението, бидејќи кај фирмите се бележи пад на депозитите за 35 милиони евра.
 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.