Скопје, 30 ноември 2018 – Висока наплата на приходи во Буџетот, редовен и навремен поврат на ДДВ во стопанството и реформи за поедноставување на поднесувањето годишна даночна пријава за граѓаните. Ова се резултатите со кои Управата за јавни приходи годинава го дочека Денот на даночниците – Св. Матеј.

– Без приходите од даноци не може да функционира државата. Не може да се обезбедат средства за образование, за здравство, социјална заштита, безбедност, владеење на правото…, не можат да се градат патишта, како и сѐ останато што  прави државата – рече министерот за финансии Драган Тевдовски на свеченото одбележување на Денот на даночниците.

Тој додаде дека пред УЈП биле поставени бројни предизвици кои биле успешно реализирани.

– Во оваа прилика би сакал да ја издвојам работата на реформата за доставување предпополнета даночна пријава до граѓаните. Таа е важна бидејќи од наредната година, граѓаните нема повеќе да се мачат да собираат документи, да пополнуваат формулари и да одат по шалтери за да поднесат даночна пријава. Туку, по пример на европските даночни управи, УЈП по електронски пат ќе ја достави пријавата, а граѓанинот ќе треба само да ја прифати или да даде забелешка за корекција. Со ова граѓаните се ослободуваат од значителен товар. А наша обврска е ние да бидеме нивен сервис и да работиме за нив – рече Тевдовски.   

Директорката на УЈП Сања Лукаревска истакна дека ако се споредува со изминатите години, Управата сега е на прав пат. Полн буџет, професионално работење на даночните службеници, партнерски однос со даночните обврзници, борба со сивата економија, модернизција на работните процеси, унапредување на соработката со даночните управи од регионот и пошироко, се само неколку приоритети од низата, кои идентитетот на институцијата УЈП, го прават неприкосновен и посебен, рече Лукаревска.

Таа истакна дека првата фаза од реформата „Поедноставување на процедурите за пријавување и пресметување ПДД“ и електронскиот систем за ПДД-Е ПДД е успешно завршен и оти втората фаза почнува во 2019 година со доставување предпополнета годишна даночна пријава.

Лукаревска најави дека од 1 јануари 2019 година почнува уште еден важен проект заедно со Владата и Агенцијата за млади и спорт. Преку овој проект  со измените на Законот за данок на добивка, ќе се овозможи дополнителен стимуланс и дополнителни средства во спортот, преку доделување  ваучери за даночните обврзници кои ќе донираат во спортот и ќе може да користат даночни поттикнувања по основ на данокот на добивка.

Директорката на УЈП истакна дека она што УЈП ја очекува како предизвик во иднина е реинженерингот со редизајнираните работни процеси и целосна електронска комуникација меѓу УЈП и обврзниците, преку навремени услуги и доброволна усогласеност и, секако, најавуваниот проект „Поврат на 15 проценти ДДВ кај граѓаните“.

 

Comments are closed.