Слабата заштита на сопственичките права ги одвраќа инвеститорите од вложувања, а високата цена на банкарските кредити ги одвраќа фирмите од позајмување пари.
Слабата заштита на сопственичките права ги одвраќа инвеститорите од вложувања, а високата цена на банкарските кредити ги одвраќа фирмите од позајмување пари. Но,ако подлабоко се анализираат причините за скапите кредити, повторно ќе се навлезе во нефинансиската сфера, односно во проблемите на неефикасноста на судството и на правната заштита
Како и во многу други земји во транзиција, изминативе 18 години многу македонски влади се обидуваа да одговорат на прашањето која е најдобрата стратегија за реформи во земјата. Истовремено, тие беа и преплавени со идеи од домашните и од странските експерти за истото прашање. Беа предлагани десетици можни пристапи, при што многупати политичките лидери го уверуваа народот дека токму тој реформски пакет е „најкомплексниот“ и „најсоодветниот“ за наши услови.Во оваа збрка на идеи се вклучија и меѓународните финансиски институции, ММФ и Светска банка, кои во почетокот на 90-тите го промовираа т.н. Вашингтонски консензус – манифест со десет заповеди како што многумина го нарекоа, кој вклучува: строга фискална дисциплина, смалување на јавната потрошувачка, реформа на даночниот систем, либерализација на трговијата, либерализација на каматните стапки, изедначени и конкурентни девизни курсеви, отвореност кон странски директни инвестиции и над се’ – политика на приватизација, дерегулација и заштита на сопственичките права. Се очекуваше дека земјите во транзиција и земјите во развој ќе ги спроведуваат овие политики без поговор и во целост. Со оглед дека „слепата примена“ на овие политики во многу случаи не ги даде очекуваните резултати, а многу други земји со поинаков сет на економски политики имаа одлични перформанси, се појави втора генерација на реформаторски идеи во вид на докомплетирање на вашингтонскиот консензус. Покрај првобитните цели, на земјите во транзиција им беше препорачан „рецепт со уште десетина лека“: подобрување на корпоративното управување, борба против корупцијата, флексибилност на пазарот на работна сила, целосна примена на принципите на Светската трговска организација, почитување на меѓународните финансиски стандарди, либерализација на капиталните сметки и девизните курсеви, независност на централните банки, социјална сигурност итн. За усвојување на овие политики, се применуваше политиката на „стап и морков“ – од една страна принуда да прифатиш, од друга страна по некоја награда во вид на добар коментар за реформската ориентираност на владите, или нови кредитни средства со кои на „мртвиот организам“ му се даваа повремени „инфузии“, за да покаже барем мала раздвиженост одвреме-навреме.Во примената на ваквите политики, меѓународните финансиски институции занемаруваа барем два важни факти – богатите земји не станаа богати и организирани преку ноќ и сите обиди за калемење одредени политики и институции без да се има предвид специфичниот локален контекст, во историјата се покажаа како безуспешни. Историјата ги памети примерите на Ирак, кој во еден временски интервал го усвои белгискиот устав, а неколку латиноамерикански држави буквално го препишаа уставот на САД, но ниту едните ниту другите не мрднаа понапред од она ниво на политичка демократија и економска слобода на кое беа претходно.
Зголемувањето на незадоволството од конфузијата на реформски стратегии резултира во појава на нови идеи како да се направи селекција меѓу мноштвото на добри, но не подеднакво важни економски политики. Имено, ограничениот политички капацитет на која било влада не овозможува фронтално адресирање на сите отворени прашања и проблеми. Тие несомнено постојат и имаат соодветна важност, но не влијаат подеднакво врз економскиот развој. Наместо пристапот кој бара решавање на сите проблеми одеднаш, многу попродуктивно е да се направи селекција на најзначајните пречки за побрз економски пораст и политиките да се насочат првенствено кон решавање на тие проблеми. Со други зборови, потребна е да се направи добра дијагноза на економскиот развој врз основа на која ќе се одберат приоритетните проблеми кои треба да се решаваат во конкретните услови.
Еден од најдобрите алгоритми за дијагноза на економскиот пораст е секако оној кој го поставија Родрик, Хаусман и Веласко, а кој се базира врз три компоненти: а) стапката на општествен поврат; б) можноста за приватна апропријација на овие поврати и в) трошоците за финансирање на активностите. Првата фаза на анализата треба да одговори кој од овие три фактори е најголема препрека за развој. Дали, на пример, технологијата е слаба, па не овозможува доволно високи стапки на поврат на фирмите или можеби сопственичките права и односи не се заштитени и инвеститорите не можат да ги добијат повратите, или пак трошокот за финансирање е толку висок што го оневозможува економскиот развој. Елиминацијата на еден по еден фактор овозможува носителите на економската политика да се фокусираат на помал број на проблеми, кои што се од суштинско значење за забрзување на економскиот пораст. Ова секако е полесно да се констатира отколку да се направи во пракса, бидејќи во секоја компонента има бројни поткомпоненти и фактори. Сепак, дијагнозата на состојбите врз основа на податоци од статистиката и направените анкети меѓу македонските претпријатија, посочува дека најзначајните ограничувачки фактори за развојот на македонската економија изминатава деценија лежат во сферата на т.н. микроризици, пред се во областа на заштита на сопственичките права. Најдобра илустрација за тоа е односот на сопственичките права и финансирањето на стопанството, за кои најголем број на македонски економисти ќе се согласат дека се клучни препреки за побрз економски пораст. Имено, слабата заштита на сопственичките права ги одвраќа инвеститорите од вложувања, а високата цена на банкарските кредити ги одвраќа фирмите од позајмување пари. Но, ако подлабоко се анализираат причините за скапите кредити, повторно ќе се навлезе во нефинансиската сфера, односно во проблемите на неефикасноста на судството и правната заштита. Тоа не значи дека другите проблеми не постојат или треба да се занемарат. Но, значи дека решавањето на проблемот на ефикасноста на судството, катастарот, наплатата на побарувањата, извршувањето на договорите, подобрување на заштитата на малите акционери и другите области на почитување на сопственичките права, најмногу може да влијаат за зголемување на економскиот пораст во Република Македонија.
Зоран Ставрески