Скопје, 9 април 2015 (МИА) – Министерството за финансии денес го додели 500-тото решение од проектот „Купи куќа, купи стан“ со кој Владата преку субвенционирање им помага на граѓаните да дојдат до сопствен дом.

Решението на тричленото семејство Димовски, кое 15 години живеело под кирија, им го врачи вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

– Велигденските празници се период кој вообичаено го поминуваме со семејството и во домот и уште повеќе се потврдува тоа дека вистинското богатство на секој човек е семејството, домот и хармонијата. Затоа ми е мило што во оваа велигденска недела имав можност да бидам во домот на семејството Димовски, кое симболично е 500-тиот корисник на проектот „Купи куќа, купи стан“, изјави вицепремиерот Ставрески.

Тој нагласи дека проектот досега предизвикал голем интерес кај граѓаните и оти од тие причини е отворена канцеларија во Министерството за финансии каде може да се добијат информации за можностите што ги нуди, без разлика дали се работи за учество за кредит или за половина рата.

– Се работи за значителна финансиска поддршка од државата. Во последниве месеци имаме над 25 одобрени барања. Вкупниот број е 524, што значи дека проектот наиде на добар интерес кај граѓаните, рече Ставрески.

Новите сопственици на стан изразија задоволство од можноста што им ја дала државата да можат со 50 проценти субвенционирано учество да дојдат до сопствен дом.

– По долги години под кирија, со проектот „Купи куќа, купи стан“ успеавме да дојдеме до сопствен стан. Ратата ќе ни биде приближно колку што плаќавме кирија и затоа сите оние кои се под кирија нека се осмелат и нека го направат овој чекор да дојдат на свое, истакна Маријан Димовски, новиот сопственик на стан.

Во разговор со најмалиот член на семејството, кој се радува бидејќи конечно ќе добие своја соба, вицепремиерот Ставрески откри дека и тој како мал бил возбуден кога неговото семејство добило стан. Од голем мерак, како што рече, гледал низ клучалката на вратата бидејќи станот бил во градба и заклучен.

Поради тоа што интересот за проектот е голем и бидејќи една третина од одобрените барања се од внатрешноста на државата, Министерството за финансии, почнувајќи од 16 април, планира да организира караван низ поголемите градови. 

– Планираме караван низ десетина поголеми градови низ Република Македонија каде граѓаните ќе може на едно место да добијат информација за можностите што се нудат во поглед на цената на становите, локацијата и можностите за државна помош. 

Првиот град кој ќе биде посетен е Охрид, а потоа караванот ќе биде низ останатите поголеми градови како Битола, Прилеп, Гевгелија, Струмица, Велес, Тетово, Куманово.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.