Скопје, 15 септември 2016 (МИА) – Околу петстотини домашни компании директно соработуваат со инвеститорите во технолошко-индустриските развојни зони. Вкупната вредност на набавките од домашните компании направена од страна на компаниите од ТИРЗ изнесува околу 50 милиони евра годишно, но потенцијалот за соработка не е целосно искористен.

Ова го истакна министерот за финансии Кирил Миноски на конференција за  вмрежување на компаниите од македонската лесна металопреработувачка индустрија со странски купувачи што се одржува во Скопје со цел поттикнување на соработката на домашните со странските компании.

Тој додаде дека со цел да се помогне што побрзо вклучување на домашните компании во синџирот добавувачи, странските компании треба да соработуваат со нив преку пренесување искуства за тоа како да ги надградат своите производствени способности, како да го унапредат производството, да применуваат нови технологии, како и соодветно да ги развиваат човечките ресурси.

– Кога македонските фирми ќе станат дел од синџирот добавувачи на глобалните компании, тие ќе добијат пристап и до глобалниот пазар преку постоечкиот синџир  добавувачи на мултинационалните компании, истакна Миноски и додаде дека компаниите имаат партнер во Владата, која презема низа мерки за воспоставување одлична бизнис-клима.

Поврзувањето на малите компании со големите произведувачи, според американскиот амбасадор во земјава Џес Бејли значи поттикнување на економскиот раст и вработувањето.

Тој истакна дека неколку македонски компании, врз основа на базата на податоци за производите на над 200 македонски компании од лесната индустрија, имаат потпишано долгорочни договори за соработка. 

– САД веќе 10 години го поддржува развојот на лесната индустрија во Македонија. На пример, проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси е насочен кон работењето со индустријата и институциите на создавање дата база, чија цел е прибирање и промовирање на податоците за производите на преку 200 македонски компании од овој сектор. Ова споделување информации е важен ресурс за економските промотори што работат на привлекување странски инвеститори, истакна Бејли. 

Амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер, потенцира дека постои потенцијал кај компаниите во Македонија да станат добавувачи на странските компании, но дека за тоа им треба поддршка.

Таа додаде дека Швајцарија ја поддржува оваа индустрија 13 години и оти од таа поддршка се произлезени соработки на 30 компании што учествувале на саеми и имаат извоз во ЕУ и во Швајцарија. Дополнително е помогнато и да ги подобрат производите што треба да одговараат на потребите на добавувачите.

Холандскиот амбасадор во земјава, Ваутер Пломп, потенцира дека странските инвестиции во Македонија и во другите земји од Западен Балкан се главен двигател на развојот, но смета дека Македонија треба да ги достигне другите земји од регионот по влез на странски инвестиции и оти за тоа е важна политичката и економската стабилност на земјата, како и изборите во декември.

Марта Наумовска Грнарова, претседател на Асоцијацијата на метална и електро      индустрија посочи дека за компаниите од металната индустрија е од големо значење отворањето на странските пазари, а конференцијата е можност за почеток на некаква соработка. – Нашите производите пред сè се наменети за извоз и неопходна ни е помош во тој сегмент, бидејќи полесно е пазарот да се пробива заеднички, отколку секој одделно, додаде таа.

Конференцијата е во организација на проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, кофинансиран од Владата на Швајцарија, Асоцијација на метална и електро индустрија МАМЕИ и Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на РМ со поддршка на Германската стопанска комора во РМ, Американската стопанска комора во РМ, Амбасадата на Холандија во РМ и Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.

Close Search Window