Скопје, 30 април 2014 (МИА) – Владата донесе одлука за намалување на стапката на Данокот на додадена вредност (ДДВ) за бебешките производи, училишниот прибор, сточната храна и адитивите на сточната или добиточната храна и жив добиток. Како што информира премиерот Никола Груевски на прес-конференција, Владата на денешната седница го прифати Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за ДДВ, со кој стапката кај овие производи се намалува од 18 на 5 отсто.
– Новото законско решение се очекува да стапи на сила по формирање на новиот парламентарен состав и по изгласувањето на одлуката во Собранието, што очекуваме да се случи кон крајот на мај или во текот на јуни. Фискалните импликации што ќе ги предизвика законското решение ќе изнесуваат 380 милиони денари на годишно ниво или половина од оваа сума за годинава, бидејќи до крајот остануваат уште шест месеци, рече Груевски.
Тој истакна дека намалувањето на ДДВ за овие производи ќе предизвика намалување на данокот што го плаќаат продавачите, поради што се очекува тоа да влијае на намалување на цените за крајните потрошувачи.
– Со тоа ќе им се помогне на родителите во намалување на нивните трошоци за децата. Со измените дополнително ќе се влијае врз цените на добиточната храна, како и врз цената на живиот добиток, со што ќе се придонесе за стимулирање на земјоделското производство на месо и млечни производи, како и за зголемување на конкурентноста на македонското стопанство преку намалените цени, истакна Груевски.
Со тоа, како што посочи, директно или индиректно ќе се намали цената на чинење на производот и ќе се подобри конкурентноста на фирмите што ги произведуваат.
– Ова потенцијално може да биде и стимул за зголемување на извозот на овие македонски производи, но и зголемување на конкурентноста на пазарот со увезените производи. На тој начин директно ќе им се помогне на македонските компании кои произведуваат вакви производи, но и на потрошувачите затоа што ќе се овозможи поевтина цена на крајниот производ, прецизира Груевски.