Скопје, 11 јули 2013 (МИА) – Македонија со процент на искористеност на средствата од ИПА фондовите како и новите земји членки на ЕУ. До крајот на годината се очекува процентот на искористеност да биде близу 50 проценти. Од 640 милиони евра колку и стоеја на располагање од ИПА-фондовите наменети за олеснување на процесот на пристапување на земјата во ЕУ, склучени се конкретни договори за 123 проекти во вредност од 190,2 милиони евра.
Како што информира на денешната надзорна расправа за користење на фондовите од Инструментот за претпристапна помош-ИПА во Република Македонија, вицепремиерот задолжен за европски прашања и координатор на ИПА-фондовите Фатмир Бесими, споредено со искуството од другите земји во регионот, Македонија е една од првите земји која има обезбедено децентрализирано управување со овие фондови и тоа за четири од вкупно петте компоненти.
Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој е координатор за користење на третата и четвртата компонента на ИПА-фондовите, Македонија консеквентно на Хрватска и Турција, е една од ретките земји која успеа за националните институции во 2010 година да добие децентрализиран систем на управување со ИПА-средствата. Во однос на искористеноста на средствата, тој вели држат простор аргументите за задоволство, но и за самокритика и конструктивна критика. Процентот на искористенст до крајот на годината би требало да изнесува 48 проценти, а тоа е, вели, блиску до процентот на искористенот од околу 50 проценти кој го постигнале и новите земји-членки на ЕУ.
– Процентот на искористеност на ИПА-средствата заклучно со јуни е некаде 37 проценти во сите ИПА-компоненти и тој процент до крајот на годината врз основа на антиципираните активности за она што ќе се случува ќе се зголеми на 48 проценти. Ако ја земеме Хрватска каде децентрализираниот систем се случи во 2006 година и Турција која го доби во 2003 година, седум години пред нас, процентот на искористеност кај нив е меѓу 48 и 51 процент. Значи, од прилика сме на исто ниво на искористеност на средствата што покажува дека Македонија со оглед дека подоцна беше акредитирана за децентрализирано управување со средствата релативно успешно и брзо успеа да фати приклучок и да постигне одреден степен на искористеност на средствата, рече Ставрески.
Тој додаде дека за повисок степен на искористеност ќе помогнат неколку крупни проекти кои се во фаза на реализација. Меѓу другото ги спомена изградбата на пречистителна станица во Прилеп и рехабилитацијата на канализационата мрежа во тој град, проектот за МВР – ТЕТРА кој е во рамки на првата компонента и чија вредност изнесува 3,8 милиони евра, како и доизградбата на Коридорот 10 за кој исто така треба да бидат повлечени средства од ИПА-фондовите.
Марјанчо Николов од СДСМ упати забелешки зошто не се користат доволно средствата од ИПА-фондовите кои претставуваат еден вид грантови и РМ нема потреба да ги враќа, а наместо тоа за слични проекти се земаат кредити. – За првата компонента – транзициска помош и институционална надградба на РМ за периодот 2007-2013 на располагање и стојат 244 милиони евра, а заклучно со 2011 искористени се 68 милиони. Во третата компонента – за регионален развој на располагање ни се 200 милиони евра, а досега се искористени 47 милиони евра, рече Николов.
Вицепремиерот Ставрески појасни дека Во однос на првата компонента до крајот на оваа година контрактираните средства ќе достигнат 190 милиони евра. – Правилото на користење на овие средства е три години од потпишувањето на финансиската спогодба. Ако некој смета дека одеднаш може да се реализира сета помош, тука е проблемот бидејќи процесот на подготовка на овие проекти е долгогодишен, а процесот на имплементација не е ниту започнат, ниту завршен и има време да се повлечат овие средства, рече тој.
На прашањето од Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ како се одвива процесот на координација меѓу институциите во однос на искористеноста на ИПА-средствата и информираноста на потенцијалните корисници на овие средства, вицепремиерот Бесими рече дека Македонија е на ниво на просек на регионот по однос на искористеноста на претпристапните фондови од ЕУ. За уште поефикасно користење на овие средства координацијата ќе биде подигната на ниво на Влада, а од овој месец за ИПА-проектите ќе се дискутира на ниво на министри. Тој најави и дека се предвидува СЕП како институција која ги координира ИПА-фондовите директно да комуницира со институциите кои се потенцијални корисници на ИПА-фондовите на централно и на локално ниво.
Надзорната расправа за досегашната искористеност на ИПА-фондовите е во контекст на подготовка на земјата за користење на ИПА – 2 кој ќе го опфати периодот 2014-2020 година.