11 Мај 2018, Скопје – Министерот за финансии ги отвори „Деновите на финансиска писменост“. Граѓани од сите возрасти присуствуваа на саемот за финансиска писменост во организација на Министерството за финансии, Народната Банка и регулаторите.
Министерството за финансии е активно вклучено во финансиска едукација пред се помеѓу младите. Ние изминатиот месец имавме посета од ученици од основни и средни училишта во кои што зборувавме на финансиски теми. Планираме обуки и за други целни групи на кои ќе се зборува на теми важни за нив. – истакна министерот во своето обраќање.
Според министерот важно е да имаме информирани граѓани. Тие ќе можат да донесат правилна финансиска или инвестициска одлука.
Од Граѓанскиот буџет за сите возрасти, до организираните посети на министерството од страна на ученици, средношколци и студенти се е во насока на унапредување на финансиската писменост.
Министерот ја спомена и заложбата на МФ за фискалната транспарентност. Транспарентноста во трошењето на парите на граѓаните предизвикува зголемена одговорност и контрола на носителите на Власт.
Во однос на клучната активност на Министерството за финансии – Буџетот на Република Македонија, ние од минатата година започнавме редовно да објавуваме Граѓански буџети. Неговата цел е на граѓаните на едноставен и разбирлив начин да им објасни како се трошат парите преку институциите, кои што се собираат од даноци. Оваа прилика ја користам да укажам и дека секоја сугестија и коментар за негово подобрување е добредојден. -додаде министерот за финансии.
Министерот ги повика присутните да го искористат присуството на вработените од различните институции и организации.
Во следните три дена, граѓаните можат да се информираат на теми поврзани со финансиите. На саемот претставниците на финансиските институции ќе бидат присутни до 20 часот.