23 октомври 2019 година, Скопје – Министерката за финансии Нина Ангеловска, генералниот секретар на Светската царинска организација Кунио Микурија и директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски, во дворот на Царинската управа денеска засадија дрво на мирот.

Одбележувајќи ја 14. Конференција за партнерство во царинското истражување и развој – ПИКАРД, што годинава се одржува во Скопје, ова дрво ја симболизира посветеноста кон заедништвото во рамките на големото царинско семејство како и заложбата за натамошно развивање на досегашната плодна соработка.

Тема на тридневната конференција е „Паметни граници за непречена трговија, патување и транспорт“, а бројните еминентни говорници дискутираат за важноста на брзото движење на луѓето, стоките и превозните средства преку границите, координацијата и соработката меѓу царинските служби, прекуграничната е-трговија, а посебно внимание е посветено на примената на новите технологии во царинското работење. На Конференцијата од различни перспективи се презентираат промените во царинското опкружување како резултат на дигитализацијата, новите можности за зголемена контрола на ризикот, намалувањето на трошоците и поедноставувањето на царинските постапки. 

Изборот за домаќин на Конференцијата е потврда и признание за напредокот што го постигнаа Царината и Владата на Република Северна Македонија во модернизацијата на Царинската управа и прифаќањето и спроведувањето на инструментите и конвенциите на СЦО за реформите и учествата во глобалните снабдувачки синџири и олеснување на трговијата. 

Државата е членка на Светската царинска организација  од 1 јули 1994 година и активно учествува во нејзината работа. Основна цел на оваа организација  е постигнување највисоко ниво на хармонизација и еднообразност на царинските системи, проучување на проблемите на кои се наидува во развојот и подобрувањето на царинските техники и царинското законодавство. Таа е независно меѓувладино тело во кое членуваат 183 царински управи од целиот свет. 

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.