Државните хартии од вредност (ДХВ) се безризични хартии од вредност кои во име на Владата на Република Македонија ги издава Министерството за финансии.

ДХВ се продаваат преку аукции кои се организирани преку Агентот на Министерството за Финансии, а тоа е Народната Банка на Република Македонија. На аукциите директно можат да учествуваат само овластените директни учесници (сите банки во РМ), а останатите заинтересирани резиденти и нерезиденти можат да учествуваат индиректно, односно, преку банките.

Номиналната вредност на една ДХВ е 10.000,00 денари. Државните записи се издаваат и исплатуваат по номинална вредност, а се уплатуваат по дисконтирана вредност. Државните обврзници се издаваат и исплатуваат по номинална вредност, а се продаваат по цена постигната на аукцијата и до нивното достасување се плаќа полугодишна или годишна купонска камата.

ИСТОРИЈАТ – Првата аукција на ДХВ е реализирана во јануари 2004 година со емисија на 3 месечни државни записи. Поради промотивната кампања и големиот интерес на инвеститорите за овој безризичен инструмент во истата година се изврши промоција и на 6 месечни државни записи. Како резултат на овој тренд во 2005 година беa промовирани и 12 месечните државни записи и првата емисија на 2 годишни државни обврзници.

По овој краток, но експанзивен развој, Министерството за финансии веќе воспостави пракса да има редовни аукции на ДХВ. Распоредот на планирани аукции на државни хартии од вредност попрецизно е дефиниран во календарот за издавање на државни хартии од вредност. Календарот се објавува на web страната на Министерство за финансии, на почетокот на периодот за кој се однесува.

Од почетокот на издавање на континуираните државните хартии од вредност, портфолиото го сочинуваа државните записи од 1 месец, 3 месеци, 6 месеци и 12 месеци и државните обврзници со рок на достасување од 2 години, 3 години, 5 години, 10 години и 15 години.

За подетални информации, ве молиме обратете се на следниве телефони: 3255 424 и 3255 423.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.