Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во наредната 2010 година е подготвена да инвестира повеќе проекти во Македонија во вредност до 150 милиони евра.
 
Ова денеска во Скопје го изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој деновиве беше домаќин на делегација на ЕБОР.
 
Според Ставрески, претставниците на ЕБОР изразиле подготвеност да финансираат од 100-150 милиони евра во Македонија, претежно во инфраструктурата, енергетскиот сектор и гасификацијата.
 
„Веќе искажаа подготвеност за финансирање од 18 милиони евра во ремонт на пругата од коридорот 10, а го отворивме и прашањето за евентуална поддршка за изградба на пруга на коридорот 8“, рече Ставрески.
 
Тој информираше дека од страна на ЕБОР уште еднаш била потврдена подршката што во континуитет оваа финансиска институција и ја дава на Македонија, а било искажано и задоволство од спроведените реформи.
 
„Ова е уште една потврда од релевантна меѓународна институција дека реформите во Македонија се одвиваат добро, дека макроекономските политики се солидни и дека е остварено она што можеше да се оствари во криза“, рече Ставрески.(МАКФАКС)