Загреб, 15 мај 2010 (МИА) – Македонија има многу добар третман кај Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициона банка. Овие две банки не само што досега беа значајни партнери на нашата земја туку се расположени, како се приближуваме во процесот на интеграција кон Европската унија, со повеќе средства да дадат поддршка за економскиот развој на земјата, оцени вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по завршувањето на Годишното собрание на ЕБОР што се одржа во главниот град на Хрватска.

 

– Добро беше да се види дека овие две значајни инвестициски банки ја гледаат бизнис климата во Македонија како поволна, а општо економските политки ги оценуваат како многу квалитетни и врз таа основа носат одлука да го зголемат своето учество и со повеќе финансиски средства да ја поддржат Република Македонија, изјави вицепремиерот Ставрески по завршувањето на билатералните средби со високи претставници од двете банки.

 

ЕБОР е заинтересирана да инвестира околу пола милијарда евра во следните неколку години во Македонија во проектот за ревитализација на железничката пруга од Коридорот 10, проектот за изградба на железничката пруга од Коридорот 8 на релација Куманово – Деве Баир, како и во изградбата на гасоводниот систем во Македонија.

 

Од македонска страна е побарано банката да инвестира и во изградбата на една од хидроцентралите што ЕЛЕМ планира да ги гради во следниот период за што е добиено ветување дека во следните неколку месеци ова прашање ќе биде разгледано од страна на Бордот на директори. Најверојатно тоа ќе биде ХЕЦ Бошков мост, проект вреден 80 милиони евра.

 

Банката со 50 милиони евра учествува и во проектот за ревитализација на регионалните и локалните патишта во државата.

 

Интерес за инвестирање во проектот за изградба на железничката пруга кон Бугарија и за гасоводниот систем пројавила и Европската инвестициска банка. На средбите со нив било потврдено дека се заинтересирани да влезат во овие проекти.

 

– Бидејќи се работи за два крупни проекта значајно е да имаме две големи банки во овие проекти кои покрај финансиски средства имаат и техничко знаење за реализација на вакви проекти, рече вицепремиерот Ставрески.

 

Тој со претставниците од ЕИБ разговараше и за кредитната линија во износ од 100 милиони евра за финансирање на мали и средни претпријатија која беше една од мерките на Владата за обезбедување свеж капитал и ублажување на последиците од светската економска криза.

 

– Разговаравме за искористеноста на таа кредитна линија и се договоривме побрзо да се имплементира лимитирањето на каматната стапка на шест проценти за фирмите и на тој нацин ќе може многу побрзо да се искористат средствата, рече Ставрески.

 

Друг значаен проект кој треба да се ефектиура до јули, а ќе биде финансиран со заем од 50 милиони евра од ЕИБ е изградбата, реконструкцијата и санацијата на канализационите и водоводните системи во руралните средини.

 

Според вицепремиерот Ставрески, станува збор за проект што ќе им помогне на руралните подрача каде што општините се сиромашни и немаат доволно средства за реализација на вакви проекти со кои ќе се решат основните животни прашања на луѓето.

 

На средбите со претставниците на ЕИБ беше разговарано и за заокружување на финансиската конструкција за автопатот на Коридорот 10, на делницата Демир капија-Смоквица, значајна инвестиција од 200 до 250 милиони евра во која главниот финансиер е оваа банка.

 

– Доколку тоа не е доволно, веројатно ЕБОР ќе ги дополни средствата за да го дозиградиме Коридорот 10 и на тој начин да ја подобриме конкуретноста на земјата бидејќи тоа е еден од главните коридори во Република Македонија, појасни Ставрески.

 

Вицепремиерот кој учествуваше на 19-тото Годишно собрание на ЕБОР заедно со директорот на Агенцијата за странски инвестиции Виктор Мизо ги претстави и можностите за инвестирање во Македонија пред заинтересирани бизнисмени, а во негово присуство беше потпишан и договорот за заем мегу ЕБОР и Охридска банка во висина од 10 милиони евра за кредитирање на мали и средни бизниси.

 

На Годишното собрание на ЕБОР учествуваат над две илјади високи владини претставници, бизнис лидери, експерти и банкари кои дебатираа како да се зајакнат финансиските пазари за да се постигне одржлив економски раст и да се забрза темпото на закрепнување на економиите по минатогодишната економска криза.

 

Собирот во Загреб го следеа околу 350 акредитирани новинари, а пред хотелот Вестин за време на неговото одрзување беше воведен посебен сообраќаен режим.

 

Comments are closed.