До 13.10.2014 до центрите за социјална работа во секоја општина социјалните категории граѓаните може да поднесуваат барања за отпишување на долгови кои настанале до 31.12.2013 година по основ:

  • кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити – кон деловните банки и штедилниците;
  • електрична енергија кон ЕВН;
  • топлинска енергија кон Топлификација;
  • радиодифузна такса кон МРТВ.

Отпишување на долговите може да побара лицето кое е:

  • корисник на социјална парична помош или
  • корисник на постојана парична помош или
  • невработено подолго од 12 месеци, а доколку е во брак и неговиот брачен другар треба да е невработен, и притоа:
    1. да се пријавени во Агенција за вработување на РМ и да се активни баратели на работа,
    2. заедно со брачниот другар да не оствариле приходи поголеми од 105.600 денари во 2013 година и
    3. да не поседуваат друг имот освен оној во кој живеат или
  • лице кое западнало во финансиски тешкотии поради сопствен инвалидитет или тешка болест, или поради инвалидитет или болест на брачниот другар или смрт на брачниот другар и не можело да ги плаќа долговите. Како тешка болест во оваа категорија се подразбираат малигни и церебрално васкуларни заболувања. Услов е:
    1. инвалидитетот, болеста или смртта да настанала во периодот од 1 јануари 2009 година до 31 декември 2013 година,
    2. во 2013 година заедно со брачниот другар да не е остварен приход поголем од 105.600 денари и
    3. заедно со брачниот другар да не поседуваат друг имот освен оној во кој живеат.

Потребни се следните документи:

  • копија од лична карта, а ако лицето е во брак и од личната карта на брачниот другар;
  • извод од матична книга на венчани и
  • писмена согласност од лицето и неговиот брачен другар (доколку е во брак) за обезбедување податоци за статусот и долгот од надлежните институции и доверителите. Образецот за писмената согласност ќе го обезбеди Центарот за социјална работа при поднесување на документите.

Исто така, зависно од причината поради која се бара отпис на долговите, треба да се поседуваат и овие документи:

  • за лицата кои поради смрт на брачниот другар не можат да ги плаќаат долговите, задолжително треба да достават извод од матична книга на умрени за брачниот другар;
  • за лицата со потешко заболување или потешка болест на брачниот другар, задолжително треба да достават медицинска документација од која може да се утврди дијагнозата и датумот кога е дијагностицирана болеста;
  • ако долгот е за искористена електрична или топлинска енергија, задолжително треба да се достави копија од последната фактура/сметка за електрична или топлинска енергија.

Comments are closed.