Сочи, 10 април 2012 (МИА) – Владиниот тим предводен од вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска ќе ги претстави можностите за инвестирање во Македонија во рускиот град Сочи, домаќинот на Зимските олимписки игри во 2014 година.
Пред бизнис заедницата од Сочи ќе бидат посочени макроекономската и финансиската стабилност и добра фискална политика за поддршка на растот, ниските даноци, погодностите во слободните економски зони, стручна работна сила, договорите за слободна трговија кои покриваат пазар од 650 милиони потрошувачи и добра географска положба.
Владината делегација ќе го пренесе интересот на Македoниjа за поголемо учество во проекти за изградба на олимписката инфраструктура, односно каде има можност македонските градежни компании да учествуваат како подизведувачи.
Во последните неколку години како резултат на избор на градот домаќин за Зимските олимписки игри интензивно се развива градежништвото и придружните дејности при што досега се изградени над 70 отсто од вкупниот број предвидени објекти. Вкупните средства кои се предвидени за целосно завршување на инфраструктурните проекти се над 30 милијарди долари.
Сочи е најпознат и најголем турстички центар во Русија. Се наоѓа на брегот на Црното Море со население околу 350 илјади жители. Во 2014 година ќе биде домаќин на Зимските олимписки игри. Основна стопанска гранка е туризмот а од другите области застапени се лесната индустрија како текстилна, прехранбена, преработувачка и земјоделство.
Со престојот во Сочи владината делегација ја завршува посетата на Руската Федерација.
Потенцијалите и предностите што ги нуди Македонија за странските инвеститори владиниот тим предводен од вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески ги претстави пред бизнис заедницата во Ростов и Краснодар.
Бизнис заедницата во Ростов пројави интерес за изградба на откупни центри за земјоделски производи во Македонија, за македонското овошје и зеленчук и се она што може да се понуди на планот на земјоделството.
Во Краснодар се разговараше за можностите за извоз на вино, овошје и зеленчук од Македонија за потребите на Зимските олимписки игри во Сочи. Руска странаа пројави интерес и за понудата во Македонија на големи земјоделски парцели за одгледување земјоделски производи наменети за извоз од Русија во Европската унија.