9 ноември 2018, Скопје – Предлог-ребалансот за Буџетот за 2018 денеска е на Пелнарна седница во Собранието на РМ. Во продолжение е експозето на министерот за финансии Драган Тевдовски.
Моето образложение на измените и дополнувањата на Буџетот за 2018 година ќе се состои од пет делови. На почетокот ќе ги претставам контурите на Ребалансот на Буџетот. Потоа ќе зборувам за макроекономските движења и проекции. Во третиот дел ќе се осврнам на остварувањата на буџетот во првите девет месеци од годинава. Во четвртиот дел ќе ги изложам поважните измени и дополнувања на Буџетот. А, фокусот на крајот, во петиот дел, ќе биде на финансирањето на буџетскиот дефицит и отплатата на долговите.
Ребалансот на Буџетот на Република Македонија за 2018 година се заснова на проекција за раст на реалниот БДП од 2,8% во 2018 година. Буџетскиот дефицит е непроменет и изнесува 2,7% од БДП.
Со Ребалансот на Буџетот се врши минимална корекција на приходната страна на буџетот и прилагодување на одделните делови од буџетската потрошувачка до крајот на годината. Позначајни дополнителни средства се алоцираат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за вработување на Република Македонија. А, со цел подобрување на фискалната позиција на општините се предвидуваат и 3 милијарди денари за финансиска поддршка на општините и единките корисници основани од нив, пред сѐ училишта, за да сервисираат значителен дел од нивните неизмирени обврски. Финансиската поддршка е уредена во Закон кој е истотака во Собраниска процедура. Утврдувањето на неизмирените обврски се базира на Законот за пријавување и евиденција на обврските кој беше донесен од Собраниево во април годинава.
Со цел да се спречи појавување на проблемот на проблемот во иднина, паралалелно со Законот за финансиска поддршка на општините, доставен до Собранието е и Закон со кој се предлага воспоставување на фискално правило за планирање на сопствените приходи на основниот буџет на општините. Фискалното правило треба да оневозможи општините да креираат нереално високи приходни страни на буџетите и со тоа да создаваат неизмирени обврски како што беше случај во последната деценија.
Макроекономски движења и проекции
По слабиот економски раст на почетокот на годината, што беше одраз на движењата во градежништвото, во вториот квартал растот на економската активност значително забрза и достигна 3,1% на годишна основа.
Економскиот раст во првото полугодие е придвижен од приватниот сектор, односно се должи на позитивните остварувања во индустрискиот, услужниот и земјоделскиот сектор. Индустрискиот сектор во првото полугодие забележа реален раст од 2,9%, како резултат на растот во Преработувачката индустрија. Месечните податоци за јули и август покажуваат продолжување на позитивните движења во индустријата, кога годишниот раст на индустриското производство изнесува 5,3%, при раст на преработувачката индустрија од 7,5%. Во првото полугодие, услужниот сектор забележа реален раст од 3,4%, што во најголем дел се должи на зголемената активност во трговската дејност. Позитивните движења во трговијата, согласно високофреквентните податоци, продолжија со висок интензитет во јули и август, во услови на раст на прометот кај сите сегменти.
Градежниот сектор во првото полугодие забележа пад (26,5% на реална основа), со тоа што се забележува значително забавување на динамиката на пад на активноста во вториот квартал, во услови на поповолни движења кај извршените градежни работи, како во делот на високоградба, така и во делот на нискоградба.
Гледано според расходната страна, растот на економската активност во првото полугодие е резултат на растот на приватната потрошувачка и на позитивниот придонес на нето-извозот. Извозот на стоки и услуги забележа реален раст од 12,2%, како резултат на солидните остварувања на поголем дел од извозните сегменти, во услови на поволни движења на надворешната побарувачка. Увозот на стоки и услуги порасна за 4,5% на реална основа. Месечните податоци за трговската размена со странство во јули и август упатуваат на задржување на високиот раст на извозот, којшто изнесува 16,5% на номинална основа.
Потрошувачката во првото полугодие забележа реален раст од 1,7%, со што продолжи да ја поддржува економската активност. Притоа, приватната потрошувачка забележа раст од 2,1%, во услови на значителен раст на платите во економијата и на вработеноста, поддржана и од зголеменото кредитирање на домаќинствата. Јавната потрошувачка, по падот од 1,4% во првите три месеци, во вториот квартал забележа раст од 1,0% на реална основа, во услови на зголемена реализација на јавните расходи за стоки и услуги. Бруто-инвестициите во овој период забележаа реален пад од 10,0%, што се должи на намалените инвестиции во градежни работи.
Позитивните движења на пазарот на трудот продолжија во 2018 година, и тоа со нешто посилна динамика од проектираната. Бројот на вработени лица во вториот квартал од 2018 година е повисок за 2,1%, односно за 15,2 илјади лица на годишна основа, при што раст на вработеноста има во сите сектори, најмногу во индустрискиот сектор. Растот на вработеноста е придружен со пад на бројот на невработени, којшто е намален за 13,4 илјади лица, односно 6,2% на годишна основа. Ваквите движења на пазарот на трудот предизвикаа стапката на невработеност во вториот квартал од 2018 година да се намали на 21,1%, односно за 1,5 процентни поени споредено со истиот квартал во 2017 година, а во однос на претходниот квартал таа е пониска за 0,5 процентни поени.
Просечната месечна нето-плата во периодот јануари-август е повисока за 5,7% на номинална и 4,1% на реална основа, што претставува забрзување во однос на претходните години, а се должи на растот на платите кај речиси сите сектори.
Стапката на инфлација во периодот јануари-септември 2018 година изнесува 1,5%, што е во рамки на очекувањата. Кварталната динамика покажува одредено забавување на инфлацијата во првиот квартал и стабилизирање во вториот и третиот квартал од годината, во услови на надолен тренд на растот на цените на храната.
Странските директни инвестиции (СДИ) во земјата изнесуваат 328 милиони евра во првото полугодие од 2018 година и се повисоки за 245 милиони евра споредено со истиот период од 2017 година, односно за 146 милиони евра во однос на цела 2017 година. Поголемиот дел од СДИ во овој период (52%) е во вид на реинвестирана добивка и сопственички капитал.
И покрај значително забрзаниот економски раст во вториот квартал, истиот не беше доволен за да се надомести слабата активност во првиот квартал, со што економскиот раст во првото полугодие е под очекувањата. Оттука, проекцијата за реалниот раст на БДП во 2018 година е ревидирана на 2,8% (од 3,2% претходно). Притоа, во наредниот период се очекува задржување на позитивните сигнали кај приватните инвестиции, како што се силниот прилив на СДИ во земјата, како и задржување на високиот раст на извозот и значаен придонес на потрошувачката врз растот.
Остварување на Буџетот на РМ во деветте месеци од 2018 година
Во периодот јануари-септември 2018 година вкупни приходи реализирани се во износ од 136,7 милијарди денари што претставува 70,6% во однос на планираните за 2018 година и претставува пораст за 4,3% во однос на истиот период од лани. Даночните приходи во овој период се остварија на ниво од 82,9 милијарди денари, односно истите бележат реализација од 72,2% во однос на планот за 2018 година, додека во однос на истиот период од лани бележат подобрена реализација за 6,5%. Во структурата на наплатените даночни приходи доминанираат приходите по основ на данокот на додадена вредност со учество од 42,5%. Приходите од социјални придонеси како изворни приходи на фондовите за пензиско, здравствено осигурување и вработување во анализираниот период се остварија во износ од 41 милијарди денари, што претставува 74% во однос на годишно планираниот износ, односно за 6,5% повисок од реализацијата во минатата година.
Во деветте месеци од 2018 година неданочните приходи изнесуваат 9 милијарди денари, при што доминантни се неданочните приходи на буџетските корисници на сопствените сметки кои се остварија на ниво од 4,9 милијарди денари. Капиталните приходи изнесуваат 1,7 милијарди денари, односно го надминаа годишниот план за 2018 година, при што во структурата учествуваат приходите по основ на продажба на земјиште, станови и дивиденда од АД Македонски Телеком. Буџетските корисници реализираа 2 милијарди денари по основ на донации од меѓународна мултилатерална и билатерална соработка.
Реализацијата на вкупните приходи во изминатиот период од годината е на задоволително ниво, но во однос на планираните износи со Буџетот истата укажува дека е потребна минимална надолна корекција.
Вкупните расходи на Буџетот на Република Македонија во периодот јануари-септември 2018 година се реализираа во износ од 143,7 милијарди денари, што претаставува 67,8% во однос на годишно планираниот износ, односно раст од 1,2% во однос на истиот период од минатата година. Притоа, тековните расходи изнесуваа 137,1 милијарди денари. Во овој период исплатени се 19,7 милијарди денари за плати и надоместоци за вработените во институциите кои се буџетски корисници, додека расходите за стоки и услуги се реализираа во износ од 10 милијарди денари.
Најголемо учество во структурата на тековните расходи имаат трансферите, за кои во овој период се исплатија 101,4 милијарди денари што претставува 75,5% во однос на годишно планираниот износ. Во текот на 2018 година редовно се сервисираа обврските на државата по основ на исполнување на правата за загарантирана социјална заштита на населението за чија намена се реализираа 6,3 милијарди денари. Најголем дел од овие средства се парични надоместоци за социјална и постојана помош,надоместоци по основ на детски и родителски додаток, како и други надоместоци за ранливите категории на граѓани. За исплата на пензиите се наменија 40,3 милијарди денари, додека преку Агенцијата за вработување се реализираа средства во износ од 867 милиони денари за исплата на паричен надоместок во случај на невработеност и 603 милиони денари за активни мерки за вработување. За финансирање на здравствените услуги и надоместоци се исплатија 21,7 милијарди денари. Од Буџетот на Република Македонија кон општините се трансферираа 11,6 милијарди денари како блок дотации за финансирање на пренесените надлежности, за финансирање на материјалните трошоци во локалните јавни установи. Исто така, се трансферираа и 1,7 милијарди денари од приходот остварен од данок на додадена вредност.
За сервисирање на обврските по основ на камати беа одвоени средства во износ од 6 милијарди денари, согласно амортизационите планови за домашно и надворешно задолжување.
Капиталните расходи во набљудуваниот период се реализираа во износ од 6,6 милијарди денари.
Во периодот јануари-септември 2018 година остварен е дефицит на Буџетот на Република Македонија во висина од 7 милијарди денари или 1,1% од проектираниот БДП за 2018 година.
Државниот долг на Република Македонија на 30.6.2018 година изнесува 4,3 милијарди евра, односно 40,3% од БДП, додека јавниот долг на 30.6.2018 година изнесува 5,1 милијарди евра, односно 48,1% од БДП.
Измени и дополнувања на Буџетот на РМ за 2018 година
Дозволете да Ви ги претставам поважните измени и дополнувања на Буџетот на РМ за 2018 година.
Во изминатиов период од годината фискалните движења ја наметнаа потребата од минимална прилагодување на Буџетот на Република Македонија за 2018 година, како на приходната, така и на расходната страна на Буџетот на Република Македонија.
Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Македонија за 2018 година се планирани на ниво од 192,5 милијарди денари, додека вкупните расходи се утврдени на износ од 210,5 милијарди денари. Во овие рамки на планирани приходи и расходи, дефицитот е незначително понизок (18,1 наспроти иницијално планираните 18,2 милијарди денари). Притоа, во однос на БДП, буџетскиот дефицит е непроменет и изнесува 2,7% од БДП.
Со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Македонија за 2018 година извршено е ревидирање на приходната страна на Буџетот на Република Македонија за 2018 година за незначителни 0,5% надолу, односно за 1 милијарда денари.
Расходната страна на Буџетот на Република Македонија за 2018 година е корегирана надолу за 1,2 милијарди денари, односно за 0,5%, при што извршени се следните позначајни измени:
-реалокација на средства помеѓу буџетските корисници,
-алоцирање на дополнителни средства во износ од 660 милиони денари во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со цел непречена исплата на пензиите и транзициските трошоци за вториот пензиски столб, обезбедување на дополнителни 763 милиони денари во Фондот за здравствено осигурување со цел непречено остварување на право на здравствена заштита и боледувања, како и дополнителни средства во износ од 451 милиони денари на Агенцијата за вработување на Република Македонија за исплата на надоместокот по основ на невработеност.
-намалување на одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, воглавно кај проекти финансирани со кредити,
На ваков начин со Ребалансот се создаде фискален простор за зајакнување на фискалниот капацитет на општините, преку финансиска поддршка на општините и нивните единки корисници од областа на образованието, културата, детската и социјалната заштита, во износ од околу 51% од пријавените доспеани, а неплатени обврски во ЕСПЕО. На ваков начин се очекува да се зајакне фискалниот капацитет на општините, сервисирање на долговите и раздолжување кон стопанството.
Дополнително на ова, се воведува и фискално правило при планирање на буџетот на општините, со цел максимизирање на планираните сопствени приходи на основниот буџет на општината како би се елиминирале отстапувањата на фискалните параметри во однос на проекциите и би се ограничило прекумерното трошење.
Оттука, на ваков начин со предложените законски решенија се очекува значително подобрување на фискалната позиција на општините, фискалниот капацитет на општините, сервисирање на долговите и раздолжување кон стопанството.
Финансирање на буџетскиот дефицит и отплата на долговите
Проектираниот дефицит за 2018 година како и отплатата по основ на главница на надворешен долг во износ од 16,2 милијарди денари и на домашен долг во износ од 12,2 милијарди денари ќе се финансираат преку задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.
Притоа, покрај покривање на дефицитот, во 2018 година потребни се 28,4 милијарди денари за отплати на стари долгови, со што вкупните потреби за финансирање во 2018 година изнесуваат 46,5 милијарди денари. Овие потреби за финансирање ќе се обезбедат преку комбинација на задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.
Во однос на странското задолжување, дел од изворите за финансирање се реализираа преку издавање на Еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал на почетокот на 2018 година во износ од 500 милиони евра со историски најниска каматна стапка од 2,75%. Останатиот дел од странските извори за финансирање се обезбедуваат со повлекување на средства од кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти.
Понатаму, со задолжување на домашен пазар на државни хартии од вредност ќе се обезбеди дополнително финансирање под поволни услови, користејќи ги релативно ниските каматни стапки и високиот интерес на инвеститорите на домашниот пазар за државни хартиии од вредност. Со цел оптимизација на исплатите и намалување на ризикот за рефинансирање, основна заложба на Министерството за финансии ќе биде зголемување на рочноста на издадените хартии од вредност преку издавање на државни обврзници со подолги рочности. Дел од средствата од домашното и странското задолжување ќе бидат искористени за финасирање на потребите во тековната 2018 година, а останатиот дел ќе биде префрлен како депозит за наредната 2019 година.
Сумарно, нето-задолжувањето (односно разликата меѓу ново задолжување и отплати на стари долгови) во 2018 година изнесува 22,3 милијарди денари (5,5 милијарди денари нето домашно задолжување и 16,9 милијарди денари нето надворешно задолжување). Со ова, ќе се покрие буџетскиот дефицит од 18,1 милијарди денари, а на сметка ќе се акумулираат 4,3 милијарди денари како депозит. Моментот на акумулирање на депозити на сметка е особено битен, и укажува на водење на одговорна фискална политика, која гледа подалеку отколку само краткиот рок. Поточно, државата треба да биде подготвена за враќање на исклучително големите кредити кои беа земени претходно, а кои треба да се вратат наредните години. Со цел порамнување на профилот на отплата и намалување на ризикот од рефинансирање Министерството за финансии во јануари 2018 година изврши предвремен откуп на дел од претходно издадената еврообврзница во износ од 91,67 милиони евра која доспева во 2020 година. Со предвремениот откуп беше намален износот за рефинансирање во 2020 година, а притоа беше остварена и заштеда во каматни исплати од Буџетот на Република Македонија. Особено значајно е да се знае дека во 2020 и 2021 година ќе имаме за враќање околу 833,3 милиони евра само по основ на три големи претходни задолжувања (еврообврзница од 178,3 милиони евра издадена во 2015 година, евро-обврзница од 500 милиони евра издадена во 2014 година, и втора рата од PBG заем од 2013 година во износ од 155 милиони евра), плус други отплати на долгови на домашен и странски пазар.
Ви благодарам за вниманието.