29 јануари 2019 година, Скопје – Заменик-министерот за финансии, Ширет Елези, присуствува на конференцијата „Балансирање на можностите и ризиците од Финтек“ – Имплементација на Финтек агендата од Бали (ФАБ) која се одржува во Виена. Конференцијата е во организација на Меѓународниот монетарен фонд, Централната банка на Австрија и австриското Министерство за финансии.

Ова е првиот од петте форуми за Финтек агендата од Бали што ќе се одржат годинава, а на кој на едно место се собираат функционери, извршни директори од приватниот сектор и претставници од академскиот свет од земјите од Централна, Источна, Југоисточна Европа, Кавказ и Централна Азија со цел размена на искуства и практики поврзани со предизвиците што ги носи Финтек.

Во оваа насока, како што информира Елези, Министерството за финансии веќе работи на усогласување со законодавството на Европската Унија во делот на платежните услуги. 

Воедно, минатата година е донесен нов Закон за спречување перење пари и финансирање тероризам. Притоа се направени значајни промени во делот на зачувување на стабилноста на финансискиот систем преку воспоставување соодветни превентивни мерки за злоупотреба на предностите што ги нуди слободата на движење на капиталот, широкиот пристап до финансиските услуги како и брзиот развој на финансиската технологија.

Финтек агендата од Бали (ФАБ) има за цел да им помогне на земјите членки да ги искористат придобивките и можностите од брзиот напредок на финансиската технологија која го трансформира начинот на обезбедување финансиски услуги, истовремено управувајќи со ризиците својствени за неа. Со Агендата се предлага рамка од 12 елементи што произлегуваат од клучни прашања, а кои земјите треба да ги земат предвид при креирање на нивните внатрешни политики. Тие опфаќаат теми во голема мера поврзани со унапредување на финансиската технологија, обезбедување отпорност на финансискиот сектор, справување со ризици и унапредување на меѓународната соработка. 

Comments are closed.