15 мај 2018, Виена – Заменик министерот за финансии Ширет Елези учествува на конференцијата организирана од Светска банка на тема „Развивање на потенцијалот за економски раст – преку подобрување на родовата еднаквост“, која се одржува во Виена, Австрија.
Елези имаше свое излагање на панел на кој зборуваше за економските и социјалните трошоци кои настануваат со исклучување на жените на пазарот на труд. Како што истакна заменик министерката, родовата еднаквост и учеството на жените на пазарот на капитал имаат придонес кон зголемување на економскиот раст.
Елези посочи дека жените на пазарот на труд се соочуваат со бариери – пречки, и тоа повеќе жените во руралните средини во однос на жените во урбаните средини. Заменик министерката рече дека се преземаат мерки преку политиките кои се водат за подобрување на родовата еднаквост. Преку Фискалната стратегија 2019-2020 и новиот закон за буџети, особено внимание ќе се посвети на родово одговорно буџетирање. Веќе во 2018 година има напредок преку планирање со родова буџетска анализа во линиските министерства и одредување индикатори за следење на родови програми.
Заменик министерката Елези учествува на конференцијата на покана на директорката на Светска банка за Западен Балкан Линда Ван Гелдер. Оваа конференција се организира во склоп на зголемување и зајакнување на родовата еднаквост на регионално и меѓународно ниво, како и за подобрување на мониторингот на обврските преземени за родова еднаквост. На конференцијата учeствуваа министри за финансии и министри за труд и социјала од регионот. Панелист на конференцијата беше и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.