21 февруари 2019 година, Скопје – Царинската управа ќе го подобри следењето на акцизните добра, а со тоа и наплатата на акцизите. Ова е една од новините кои ги предвидува новиот Закон за акцизи кој е во собраниска процедура. Заменик министерот за финансии, Ширет Елези рече дека со Предлог законот македонското акцизно законодавство се усогласува со законодавството на Европската Унија и со најдобрите светски практики.

– Со Предлогот на Закон за акцизите се пропишува систем на електронско следење на движењето на акцизните добра. Ваков систем во моментов се применува во рамки на Европската унија. Со системот ќе управува Царинската управа и значајно ќе се подобри следењето на акцизните добра, а со тоа и наплатата на акцизите, истакна Елези образложувајќи го законот.

 Сo новиот Закон, се пропишува дека плаќањето на акцизата ќе се врши со пуштање на акцизните добра во слободен промет, за сите категории на акцизни добра.

Ваквото законско решение е усогласено и со барањата на Групацијата на тутунските производители и увозници и производителите на алкохол и алкохолни пијалаци.

Поради усогласување со директивите на ЕУ, како акцизни добра се воведуваат и електричната енергија, природниот гас, јагленот, коксот и лигнитот. Заради заштита на животниот стандард на граѓаните, стапката на акциза за овие производи ќе изнесува нула денари.

Целта на подведувањето на овие производи како акцизни добра, покрај усогласување со ЕУ директивите, е и да се овозможи следење на добрата преку електронскиот систем за следење на акцизните добра, во поглед на нивната потрошувачка, како и регистрирање на операторите кои се занимаваат со енергетска дејност.

Со новиот Закон се воведува и категорија на земјоделци – мали производители на жестоки алкохолни пијалоци за кои исто така се предлага поволност, односно наместо акциза во износ од 340,00 денари за литар чист алкохол, се пропишува акцизата за произведената количина на алкохол да изнесува 30,00 денари по литар готов производ – жесток алкохолен пијалок. Во врска со ова, беа одржани повеќе работни средби со земјоделците на кои беше презентирано законското решение, при што истото беше позитивно прифатено од нивна страна.

Comments are closed.